Факт е дека во зима ни е потребна енергија да се згрееме и заштитиме од сезонски болести карактеристични за периодот од годината со пократки денови, помали сончеви интервали и ниски температури, кога многу повеќе време поминуваме во затворени, често непроветрени и презагреани простории. Дали тоа значи дека ни требаат повеќе калории, а секој ден на трпезата некое висококалорично и тешко јадење? Дали е во ред секој момент да посегнуваме по слатки? Секако дека не!
Зимското мени не треба да има повеќе калории отколку она во пролет или есен, туку е потребно да биде избалансирано, секојдневно на менито да се наоѓаат продукти кои ни обезбедуваат доволно протеини, витамини, минерали и јаглехидрати распоредени во пет оброци со рамномерни временски растојанија.

Овошје и зеленчук: Свежи, смрзнати, варени на пареа или барени, овошјето и зеленчукот се извор на витамини и минерали и треба да бидат застапени секој ден. Супи и чорби од зеленчук подобро ќе нè загреат од секоја торта, а лукот ќе нè заштити од инфекции. Зелката, која во зима ја има во изобилство, исклучително е богата намирница со витамини А, Б6, Ц и К, па треба да се консумира што повеќе и што почесто во суров и варен облик.





