Пред извесно време напишав текст во кој се осврнав на тоа зошто зголемувањето на платите на избраните и именуваните лица нема законска основа.Сега повторно пишувам за да го потенцирам тоа, бидејќи секојдневно слушам дека нема пари во буџетот за зголемување на минималната плата, нема за исплата на покачувањето за наставниците, а истовремено избраните и именуваните лица и понатаму земаат енормно високи плати за кои нема законска основа. Притоа, само поранешниот претседател на државата и еден од градоначалниците , веројатно чувствувајќи нелагодност, јавно изјавија дека дел од платата ќе го вложат во …, но дали и како е реализиарано тоа не ми е познато.
Денес, пак, слушаме закани со оставка ако дојде до намалување на нивните плати. Очигледно забораваат дека живеат во сиромашна Македонија и дека мнозинството граѓани кои гласале за нив, со своите плати едвај врзуваат крај со крај.
Зошто тврдам дека не само зголемувањето, туку и платите на избраните и именуваните лица од донесување на одлуката на Уставниот суд се без законска основа?
Го тврдам тоа затоа што со Одлуката на Уставниот суд е укината важечка законска одредба, при што Судот упатува на примена на веќе дерогираниот (укинат) член 11 од Законот за плати на избраните и именуваните лица.
Законот за плати на избраните и именуваните лица во Р.М. е донесен во 1990 година и во неговиот член 11 е наведено:” Основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика”.
По “одмрзнувањето на замрзнатите плати”,законодавецот очигледно сфаќајќи дека разликата во платите на избраните и именуваните лица и на другите ќе биде огромна, во 2009 година го напушта ваквиот начин на пресметување на платите определен во членот 11 од означениот закон и за истото прашање-основицата на платите на избраните и именуваните лица- предвидел фиксен износ на основицата кој до донесувањето на Одлуката на Уставниот суд е задржан.
Членот 11 од означениот закон формално-правно постои во Законот, но според принципот LEX POSTERIOR DEROGAT LEGIS PRIORI (подоцнежниот закон го дерогира претходниот) кој го знаат и студентите по право, таа одредба е дерогирана (укината) во 2009 година кога Законодавецот со самостојни законски одредби секоја година ја определува основицата во фиксен износ.
Тргнувајќи од мислењето дека член 11 сеуште постои во правниот поредок, во март 2023 година Уставниот суд донесе Одлука со која ја укинува одредбата во која Законодавецот ја утврдил основицата во фиксен износ и ставајќи се во негова улога во образложението на Одлуката упатува на примена на дерогираниот член 11 со кој платите на функционерите енормно се зголемени.
Иако Уставниот суд повикува на уставното начело за еднаквост на сите пред Уставот и законите, го крши тоа начело со примена на член 11 кој не само што е дерогиран, туку создава и голема нееднаквост меѓу вработените, бидејќи основицата кај функционерите се пресметува од просечната плата, а кај останатите од минималната, што создава огромни разлики.
Основицата за сите вработени, вклучувајќи ги и избраните и именуваните лица треба да биде иста, а разликата ќе се создаде со коефициентите кои се засновани на видот и сложеноста на работните задачи, стручноста, работното искуство итн.
Правната ситуација изложена во Одлуката според која Законот е неконзистентен, а одредбите нејасни и непрецизни укажува дека Уставниот суд не требало да интервенира со никаква одлука, посебно не со конкретната, туку да му укаже на Собранието, како единствен надлежен орган за носење закони, од неопходната потреба од донесување на нов закон за плати на избраните и именуваните лица.
Од тие причини повторно истакнувам дека основицата кај избраните и именувани лица пресметана врз основа на дерогираниот член 11 нема законска основа и дека Уставниот суд преземајќи ја улогата на Законодавец неосновано им ги зголемил платите на функционерите.
И понатаму останува потребата од донесување нов закон кој ќе се води од принципот сите се еднакви пред Уставот и законите, а не според Орвеловиот “ Сите се рамноправни, само некои се порамноправни”.
Милојка Калкашлиева
судија на Врховен суд во пензија






