Бугарскиот претседател Румен Радев немал намера да ја омекне позицијата кон „браќата“ од Македонија, на кои им порача дека зборот „отстапка“ не постоел во неговиот речник.
„Воопшто не зборуваме за отстапки. Таков збор не постои во мојот речник во однос на Република Северна Македонија. Целосно го разбирам претседателот на Европскиот совет, бидејќи тој сака интеграцијата на Западен Балкан да се забрза. Особено во услови на геополитички превирања. Од друга страна, она што го добива од мене како многу јасен став, овој процес на интеграција мора да биде одржлив и неповратен. Мора да се базира на почитување на основните демократски принципи на Европската унија и Копенхашките критериуми за членство. Република Северна Македонија има јасни обврски опишани во преговарачката рамка и протоколите кон неа. Тие едноставно мора да се исполнат“, изјави Радев по средната со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во Полска, кадешто присуствуваше на самитот на иницијативата „Три мориња“.
„Очекувам раководството на Република Северна Македонија да покаже државнички став, конечно, да ги исполни првите услови – усвојување промена на Уставот, за да се отвори вратата за преговори“, рече претседателот.
„Очекувам проблемите во Република Северна Македонија со владеењето на правото, борбата против корупцијата и потребните реформи да не бидат скриени под маската дека, гледате, Бугарија се меша. Не, Бугарија не се меша, таа е подготвена да помогне. Република Северна Македонија, едноставно, треба да ги преземе потребните реформи“, додаде шефот на бугарската држава.





