За 6 000 денари, двајца браќа го убиле соселанецот од Луке

Двајца браќа се осомничени за убиството на повозрасен жител на кривопаланечкото село Луке, дело што го извршиле од користољубие, соопшти Јавното обвинителство.



За убиството минатата недела информираше Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде што првично наведоа дека поради сомнеж дека го извршиле злосторството се уапсени три лица.

„На  01.04.2025 во 18.25  часот, полициски службеници од ОВР Крива Паланка ги лишиле од слобода З.Ф. (24), С. Ф. (19) и С.Ф.(44)  од село Луке, Кривопаланечко. Тие се сомничат дека го убиле Љ.С. (84) од село Луке, кој на 29.03.2025 бил пријавен за исчезнат“,

Основното јавното обвинителство Куманово донело наредба за спроведување истражна постапка против осомничените, на кои им се заканува казна затвор од најмалку 10 години до доживотна.

Осомничените браќа, на возраст од 20 и 25 години, според Обвинителството, брутално го убиле нивниот соселанец, од кого одзеле 6 000 денари.

Ноќта меѓу 24 и 25 март се договориле да извршат кражба во домот на жртвата. Со изговор дека сака од него да купи ракија, помалиот брат го извел соселенецот од домот, го удрил со мотика по главата, а потоа со помош на братот продолжиле да го влечат нанесувајќи му уште неколку удари со предмет.

„Со пребарување по џебовите од жртвата одзеле 6 000 денари кои си ги поделиле, по што ги пребарале куќата и помошните простории. На крај телото го полеале со бензин и нафта и го запалиле, па го фрлиле во дупка покрај реката и го покриле со дрвја и камења“, се вели во соопштението од Обвинителството.

По предлог на јавниот обвинител што го води случајот, Основниот суд во Куманово на осомничените браќа им одредил мерка притвор.