Реформските агенди на Албанија, Косово, Црна Гора, Македонија и на Србија се одобрени како дел од новиот пакет за реформи и раст вреден шест милијарди евра, објави унгарското претседателство со Советот на ЕУ на својот официјален профил на Икс.
Со овој пакет ЕУ се обидува да го помогне економскиот раст на земјите во регионот и на тој начин да го забрза нивниот процес на евроинтеграција.
Во април и мај годинава Европскиот парламент и Советот на ЕУ се согласија – земјите од Западен Балкан да добијат 6 милијарди евра од Брисел. За Македонија се наменети 750 милиони евра, а првата транша ќе изнесува седум проценти, односно 52,5 милиони евра.
„Ова го отвора патот за предфинансирањето да почне за време на унгарското претседателство. Поддршката на интеграциите на Западен Балкан останува клучен приоритет за унгарското претседателство“, се вели во објавата на „Х“.
„Еуроњуз Албанија“ објави дека реформските агенди за петте држави биле прифатени и тие ќе може да добијат дел од пакетот од Планот за раст, вреден шест милијарди евра. ИПА Комисијата на ЕУ, пишува медиумот, даде согласност за реформските агенди на Косово, Албанија, Северна Македонија, Црна Гора и Србија, пренесе “360 степени“
Единствената држава од регионот што се уште мора да чека да и се одобри агендата е Босна и Херцеговина, бидејќи документот што оваа земја го испрати до ЕУ бил некомплетен, а не биле земени во предвид ниту сугестиите што ги дала Европската комисија.
Се очекува Европската комисија да го даде финалното одобрување за имплементација на исплатите на 16 октомври, со што ќе може да се направат првите исплати од овој пакет за земјите.






