Во новогодишната потрошувачка кошничка листа спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.
За 10% пониска цена од најниската која што ја имале на рафтовите во маркетите во периодот од 15 ноември до 15 декември. Вака ќе се пресметуваат цените на над 700 основни прехрамбени производи од „новогодишната кошничка“ кои од наредниот викенд треба да осамнат со најмалку 10 проценти попуст. Ова е формулата по која ќе се пресметува цената на производите. Јавноста и граѓаните се исчекување на стартот на акцијата „Новогодишна кошница“ закажана за идниот викенд, додека пазарните инспектори се излезени на терен и ги следат цените на производите кои ќе се најдат во кошницата.

Една недела пред стартот на кампањата Владата се пофали дека кошничката се проширила со уште неколку продукти, па сега бројката надминала 700 производи.
- „Секој производ на рафтовите во маркетите ќе биде соодветно означен, а листата ќе има можност да се проширува и во следниот период. Ја поздравуваме одлуката на компаниите кои се приклучуваат кон кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе – Се грижиме“ и покажуваат општествена одговорност и ги повикуваме и останатите да се приклучат. Владата е директно насочена кон подобрување на економската состојба на илјадници семејства и животниот стандард“, изјавија од Владата.

За опозициската СДСМ пак таканаречената „новогодишната кошничка“ е нова измама на граѓаните од страна на власта. Велат, Владата свесно манипулира со граѓаните, а ги штити трговците. Намерно им оставила време на трговците да ги зголемат цените на основните прехранбени производи за 15 до 20 %.
- „Пакување од 10 јајца сега се 90 денари, а неодамна чинеа 75 денари. До пред две недели зејтинот се продаваше за 82 денари – сега е 89 денари. Цената на кашкавалот најмногу се зголеми и сега е околу 500 денари за килограм. За килограм кашкавал граѓаните сега мора да платат 497 денари, а беше 429 денари. Речиси 70 денари зголемување за кило. Исто е и со многу други производи“, изјави Симона Цветаноска од СДСМ.

Пазарните инспектори ги следат цените на производите кои ќе се најдат во кошницата. Предвидени се казни за трговците, доколку не го почитуваат договорот со Владата.
Казни за трговците, доколку не го почитуваат договорот со Владата и не ги намалат цените за најмалку 10 отсто од најниската која била во периодот до 15 ноември, се предвидени и пазарната инспекција ќе ги казнува сите малверзации.
Граѓаните се скептични околу претстојната новогодишна кошница, дел поради, како што велат, отсуството на ефекти од претходната есенска потрошувачка кошничка и отсуство на механизми за контрола и заштита кога станува збор за трговците и начинот на формирање на цени. Листата на производи и маркети каде ќе се продаваат е објавена на веб страната (www.mojakosnica.mk) мојакошница.мк.





