Заменик генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, оцени дека патот на Косово да стане дел од програмата на Алијансата, Партнерство за мир, бара тешки компромиси, но тие вределе, наведувајќи го како пример тој на Македонија кога стана членка во март 2020 година откако си ги смени Уставот и државното име на барање на Грција.
„Ако ја знаете целта, ако знаете кој е интересот на вашата земја и народ и ако се фокусирате на оваа цел, понекогаш компромисите се болни, но вредат… Значи, да, политичките компромиси чинат скапо, скапи се за нас како политичари, но секогаш се од корист за граѓаните и мислам дека пораката што ја испративме е дека државата е поважна од нас“, вели Шекеринска во интервју за косовска „Коха“.
Заменичката на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, зборуваше и за дијалогот Косово-Србија, помогнат од Европската унија, при што изрази очекување и Косово, и Србија да покажат политичка волја за напредок.
„Нема волшебно решение, нема напредок што може да го понуди НАТО или ЕУ. Мора да има политичка волја и во Белград, и во Приштина за напредок. Го ценевме напредокот што е постигнат во минатото, но веруваме дека сега мора да одиме напред и тоа е она што го слушаме како очекување од ЕУ“, рече Шекеринска.
Како очекување од Србија, таа ја спомена потребата од одговорност за нападот во Бањска и оној во Звечан против КФОР, во кој беа повредени повеќе од 90 припадници на мисијата на НАТО на Косово.
Шекеринска ја оквалификува мисијата на НАТО во Косово како доказ дека регионот на Западен Балкан има големо значење и тежина за Северноатлантската алијанса.






