За софиски советник, срамно е да се обвинува Бугарија за депортацијата на Евреите од Македонија и Беломорјето

На 82-годишнината од депортацијата на околу 11.400 Евреи од вардарскиот и од егејскиот дел на Македонија, како и од Тракија, во Втората светска војна советникот во Град Софија, Иван Сотиров, смета дека било срамно да се обвинува Бугарија за тоа.



„Линијата што ја туркаат одредени луѓе кои сакаат да го омаловажат чинот на спасување на бугарските Евреи и да ги обвинуваат Бугарија и бугарскиот народ за депортираните Евреи од Белото Море и од Македонија – територии окупирани од Германија – е срамна“, изјави тој за бугарското Радио Фокус.

„Историските факти се неспорни – нема друга европска земја што ги спасила сите свои Евреи. Бугарија помогна во спасувањето на уште десетици илјади, кои, користејќи бугарски пристаништа и визите издадени од бугарското Министерство за надворешни работи, успеаја да побегнат од нацистичкиот прогон. Тоа е целосно заслуга на бугарската држава, на бугарските граѓани, на бугарските јавни организации, на Бугарската православна црква“, додаде тој.

Според него, одредени претставници на политичките сили се обидуваат да го игнорираат она што било направено во времето на царството Бугарија „затоа што не можат да ја преживеат мислата дека за спасувањето на бугарските Евреи имаат заслуги царот, народните претставници од владејачкото мнозинство, а не Бугарската комунистичка партија“.