За „Скопје 2014“ потрошени 4-5 милијарди евра?!

Меѓу четири и пет милијарди евра се потрошени за проектот „Скопје 2014“, пишува хрватскиот весник „Вечерњи лист“ во својата репортажа од главниот град на Македонија, насловена „Срцето на Скопје автентично како и Канале Гранде во Лас Вегас“.
„Во потрага по идентитетот и националноста, македонскиот главен град Скопје стана престолнина на кичот. Никаде во светот нема толку скулптури на воини и на легенди како во Скопје. Проектот ‘Скопје 2014’, кој на исцрпениот главен град на Македонија требаше да му го врати сјајот, и тоа во грандиозен стил, стана финансиска дупка без дно, на која се потрошени меѓу четири и пет милијарди евра. Сето тоа во време кога земјата тоне во сиромаштија и невработеност“, се вели во воведот на изразито критичкиот осврт на изградените објекти и на скулптурите поставени во централното градско јадро на Скопје.
Тонот на написот го открива уште поднасловот „Невештиот обид да се поврзат времето на Александар Македонски и модерна Македонија го нагрди градот и ги сокри неговите убавини“.
Најновото навраќање на „Скопје 2014“ се надоврзува на сличниот текст објавен во „Вечерњи лист“ од 31 јануари годинава, со наслов „Скопје е единствениот град во светот во кој ‘шетаат’ Перикле, Кирил, Шмизла и Александар Македонски“.