За „Нова Македонија“ се кршат копјата денеска во Брисел?!

„Нова Македонија“ е името што се разгледува на денешните разговори во Брисел меѓу преговарачите Васко Наумовски од Македонија и Адамантиос Василакис од Грција, со посредство на медијаторот Метју Нимиц, јави грчката телевизија Стар.



Според неа, ако Македонија го прифати овој предлог, тогаш широко ќе се отворат вратите за решавање на долгогодишниот спор во првата половина на 2018 година, како што најавија и грчкиот премиер Алексис Ципрас, и министерот за надворешни работи Никос Коѕијас.

Стар тврди дека првиот предлог бил „Вардарска Македонија“, но сега расположението се враќало кон „Нова Македонија“, предлог уште од 1992 година, содржан во т.н. „Пакет Пињеиро“, според тогашниот претседавач на Европска унија.

Името со географска одредница „Северна Македонија не е прифатливо за Атина, бидејќи не би го спречило иредентизмот на Скопје“, тврди телевизијата и додава дека „има предложена варијанта ‘Јужна Македонија’, но таа е неприфатлива за Бугарија“.

Од Стар уште го поставуваат прашањето како името „Нова Македонија“ би го прифатил Панос Каменос, коалициски партнер на Ципрас, кој јасно стави на знаење дека зборот Македонија воопшто не смее да стои во новото име на северниот сосед.

Грчките медиуми објаснуваат дека средбата меѓу Наумовски, Василакис и Нимиц предвидена за синоќа не се одржала поради лошите временски услови на аеродромот во Брисел, кои го спречиле посредникот на Обединети нации да пристигне навреме.