…Преспанскиот договор сам по себе како воопшто да не е пишуван како договор меѓу две суверени земји во 21 век.
Но, според континуираните изјави во последниов период на грчкиот премиер и пораките за декларативно откажување од именките – Македонија, Македонец и придавката македонски до новоизбраното македонско државно водство, се чини дека Мицотакис очекува(л) од Преспанскиот договор да ги легитимира и меѓународно да ги легализира анахроните експанзионистичко-шовинистички амбиции на грчката држава“, пишува Јасминка Павловска во колумна за „Нова Македонија.
Во контекст на современите меѓународни односи и партнерства – вели Павловска – Мицотакис очекува овој асиметричен политички договор постојано да ја држи Македонија во нерамноправна потчинета позиција секаде и секогаш, почнувајќи од НАТО.
„ Договорот од Преспа и едното име С. Македонија, ерга омнес, за сите, беше основниот предуслов С. Македонија да влезе во НАТО. Сметам дека е несфатливо С. Македонија дека може да дојде на своето прво учество со новото раководство и да го доведе во прашање Договорот од Преспа во однос на името“, изјави Мицотакис во едно од многубројните интервјуа потсетувајќи дека „токму името беше и причината што земјата толку години не влезе во НАТО“.
„Повикувајќи се на Договорот од Преспа, кој не му се допаѓал зашто со него на „соседната земја, Грција ѝ дала име на нацијата и јазик“ (?!), Мицотакис и понатаму продолжува со побарувања, кои се нелегитимни дури и според односниот договор, со дрско дерогирање на меѓународното право и Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации.
Грчкиот премиер си дозволува да очекува од мандатарот за состав на влада во Македонија, Христијан Мицкоски, да го погази своето човеково право и да не се нарекува Македонец“ – вели Павловска
(…)
Со ваквите изјави, грчкиот премиер всушност без никакво воздржување покажува дека веројатно воопшто не го ни читал Преспанскиот договор (или барем она што не му се допаѓа), зашто и според него на Македонците од Република Македонија им е „дозволена“ употреба на термините „Македонија“ и „македонски“. Тргнувајќи од „логиката“ на Мицотакис дека не е логично некој да е Македонец од С. Македонија, може да се изведе и заклучокот дека наметнатата географска одредница во името на државата, со Преспанскиот договор, сепак е понелогична состојба.
„Најголемиот проблем на грчката политика, одразен и во Преспанскиот договор, е што постојано и континуирано го оспорува постоењето на македонскиот народ на историската сцена.
Грчките политичари, вклучувајќи го и грчкиот премиер Мицотакис, за Македонија и Македонците користат политичка формулација од 19 век.
Идејата за признавање на постоењето на македонскиот народ едноставно беше во контрадикторност со надворешната експанзија на грчката држава од 19 век.






