Некогаш во миниус, а некогаш во позитива, се е игра со бројки. Акцијата на Стопанска банка Битола имала најголем раст во претходниот месец, односно во април оваа година. Тоа го покажува најновиот месечен билтен на Македонската берза. Имено, како што објави Фактор, само за еден месец, април, акцијата на Стопанска банка Битола пораснала за близу 18 проценти, што е највисок раст од котираните друштва, бидејќи на првиот ден на април нејзината просечна цена на редовното берзанско тргување изнесувала 3.300 денари за акција, додека, пак, на последниот ден на тој месец просечната цена на акцијата достигнала 3.893,44 денари.
За волја на вистината, во првите неколку дена од мај акцијата на оваа банка ја намалува својата цена, а не се случуваат ни блок трансакции, што може да се третира и како извесно затишје пред бура, после претходното силно раздвижување. Како што е познато, крајот на април всушност и ја означи јагмата за акциите на Стопанска банка Битола. Порасна и цената на редовниот берзански пазар, достигнувајќи 3.920 денари на 29 април, што беше и всушност пикот, а цената потоа почнува да оди надолу.

Токму во последните неколку дена од април се случија и драматични блок трансакции со акциите на Стопанска банка Битола. Тоа беше причина и Фактор да се заинтересира на што се должат овие сопственички турбуленции, а нашите неофицијални сознанија говорат дека една српска банка е сериозно заинтересирана да ја купи Стопанска банка Битола, како и дека на Берзата преку блок трансакции во последните денови купувал извесен српски инвеститор, кој е во релации со таа српска банка.
Имено, во вторникот минатата недела, на 29 април, поминаа четири блок трансакции со акциите на Стопанска Битола, и тоа еден поголем пакет од 4,97 проценти, и три поситни и тоа 0,35 отсто, 1,59 проценти и 0,24 отсто. Во првиот блок поминаа 19.439 акции, по цена од 3.777 денари за акција, што е пониска цена за акциите од блокот кој помина претходно, и за него се платени вкупно 1,2 милиони евра. Пакетот од 1,59 отсто доживеа многу повисока цена, и тоа највисока досега, односно 5.543 денари, така што за 6.230 акции платена е вкупна сума 562 илјади евра. За третиот пакет од 0,35 отсто или количина од 1.357 акции беше платена цена од 5.000 денари по акција односно вкупна сума од 110 илјади евра, и за четвртиот пакет од 0,24 отсто, платено е за акција по 5.543 денари, или тоа е вкупна сума од 83 илјади евра. Или, доколку истиот купувач ги купил сите овие пакети, за нив платил безмалку два милиони евра.
Претходно се продаде пакет од 4,99 отсто од акциите на банката, за сума од 1,5 милиони евра. Ова следуваше откако пред десетина дена се продаде исто толкав пакет за 1,07 милиони евра, а преку блок поминаа и 0,35 отсто од капиталот. Од Стопанска банка Битола неодамна до акционерите упатија порака да не наседнуваат на шпекулации, како и дека за секој пакет над 5 отсто што би се продал, согласност треба да даде Народната банка. Повеќе на Фактор.мк.






