За какви комерцијални причини зборува Грција со откажувањето на авионска линија Скопје-Крф?!

Планираната директна сезонска линија од Скопје за островот Крф нема да биде воведена од комерцијални причини, пишуваат медиумите од извори од грчката авиокомпанија „Ејџијан Ерлајнс“. Кои се тие комерцијални причини, никој не кажува.



Грчкиот авиопревозник Ејџиан Ерлајнс ја прекина продажбата на билети за планираната нова линија. Летовите требаше да се одржуваат двапати неделно во вторник и сабота, а авиолинијата Скопје – Атина требаше да се реализира во среда и недела наутро.

Иако конкретното авионско поврзување меѓу Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Крф, ТАВ Македонија го соопшти на почетокот на април и најавија дека летот ќе биде воведен на 1 јуни годинава, сепак директната линија е откажана и нема да се воведе.

Според истите извори, линијата меѓу Скопје и Атина продолжува регуларно да функционира, како и досега и не постојат промени во поврзувањето на двата главни градови.

До каде ќе може да се лета од аеродромите во Македонија? Грчкиот превозник откажа и до Крф нема да се лета, но од скопскиот аеродром има повеќе летови, а како нова опција е да се посети Рига во Летонија и тоа два пати во неделата. Вкупно 59 дестинации на 22 авиокомпании ќе бидат на располагање на патниците од скопскиот аеродром. Граѓаните веќе редовно летаат со Виз Ер до метрополите во Германија, Холандија, Италија, но и останати дестинации како Малта. Не изостанува и охридскиот аеродром. Дестинации во Полска, Британија и Холандија ќе може директно да ги посетите од таму.