Луѓето кога се на мака се обидуваат на најразлични начини нешто да направат со косата. Се мачкаат со маслиново масло, со лук, а некои одат дотаму што спијат во специјална позиција, и тоа најчесто на стомак забиени со лицето во перница или, пак, носат заштитна мрежа на главата, мислејќи дека така помалку ќе паѓаат влакната. Има и случаи кога за да го стимулираат растот на косата употребуваат и киселини измешани со некои препарати од лук, па завршуваат со рани и изгореници на главата.
И додека некои бабини препарати може да бидат корисни, други може да бидат многу опасни за здравјето на луѓето.
„Лукот е пример за народен корисен лек, врз база на кој се направени многу медицински препарати. И ние како лекари го препорачуваме. За разлика од него, употребата на разни надрилекарства и киселини може да биде многу опасна работа и да предизвика сериозни последици од изгореници до труења“велат лекарите кои потенцираат дека е нормално да опаѓаат до 100 влакна дневно.

Секој ден опаѓаат од 50 до 100 влакна. Тоа е нормална појава. Особено е забележителна во август и септември. Но, доколку интензитетот на опаѓање на влакната е поголем и доведува до значително проретчување на влакната и забележување на голата кожа, односно до ќелавост, треба да се побара медицински совет од дерматолог.

Андрогенетската алопеција, како што медицински се нарекува опаѓањето на косата, се јавува кај 30 отсто од мажите на возраст над 30 години и кај 50 отсто од мажите над 50 години. Од припадничките на понежниот пол со опаѓање на косата се соочуваат од 6 до 12 отсто на возраст од 20 до 30 години, а дури 55 отсто на возраст над 70 години.





