За Велија, Красниќи и Бајруш може, за Темелко и Диневски законот не важи

Партијата на Македонците во Албанија бара македонските власти да не водат двојни стандарди при спроведување на законите според кои еден болен затвореник може да биде ослободен поради нечии политички интереси а други тешко болни мораат да седат в затвор иако се во тешка здравствена состојба.



Партијата Македонска Алијанса за европска Интеграција (МАЕИ) бара македонските власти веднаш да го ослободат од затвор лидерот на партијата Едмонд Темелко кој е во затвор во Македонија.

„Едмонд Темелко кој е во Истражниот затвор “Скопје“, се наоѓа во крајно сериозна здравствена состојба.
Роднините на Едмонд Темелко, не информираа дека не му е дозволено да користи здравствена заштита што е спротивно на сите универзални права. Иако до македонските судовии беа доставени и соодветни лекарски докази, тие одбиваат да му овозможат користење на потребната здравствена нега.

Македонска Алијанса за Европска Интеграција (МАЕИ) апелира до македонските институции итно да ги преземат сите потребни чекори за да се надмине оваа ситуација и да помогнат да се дозволи потребната лекарска нега за Едмонд Темелко, пред да биде предоцна.

Држењето во притвор на Едмонд Темелко во крајно сериозна здравствена состојба е чин на злосторство кој не и служи на чест на нашата држава и претставува навреда за сите Македонци во Република Албанија, кој бараат запирање на политичкиот прогон против Едмонд Темелко, а политичките сили во Република Македонија да покажат повеќе национална одговорност“, се вели во барањето на МАЕИ.

Новата македонска влада во предходните неколку месеци од затвор поради нарушено здравје ги ослободи Велија Рамковски, Бајруш Сејдиуи и Агим Красниќи а иако голем број граѓани бараат ослободување по истите основи – нарушено здравје, не беше ослободен Александар Диневски, осуден на 4,5 години затвор за случајот Шпион.