За аналитичарот Митевски, картата на поделена Македонија не е обична шега

Картата на Македонија поделена на четири дела меѓу државите што ја опкружуваат, објавена на насловната страница на грчкиот неделник „Елефтери ОРА“, кој се смета за близок до грчка православна црква и до екстремната десница, само два дена по митингот во Солун против зборот Македонија во името на северниот сосед на Грција, попрво е сериозна атака врз македонскиот суверенитет отколку обична шега, смета политичкиот аналитичар од Скопје, Александар Митевски.



„Уште од прогласувањето на независноста на Македонија, Бугарите тврдат дека Охрид е нивен град, исто како и дел од источна Македонија до Струмица, па дури и министри го тврдеа тоа. За многумина Бугари Македонија е територија отцепена од нивната татковина и тие веруваат дека таа треба да биде вратена. Албанија, од своја страна, е заинтересирана за западниот дел од Македонија, вклучувајќи ги и градовите Велес и Струга. Згора, и некогашниот српски воен естаблишмент имаше обичај да го именува северниот дел од Македонија како Јужна Србија. Нема потреба да се трошат зборови за Грција“, изјавил Митевски за „Спутник“.

„Оваа карта изразува аспирации што постојат со години“, оценува тој, потсетувајќи на изјавата од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров од 2015 година дека „се зборува оти Македонија треба да се федерализира, при што се нафрлаат дури и идеи зошто таа да не се распарчи и еден дел од неа да ѝ се даде на Албанија, а другиот на Бугарија“.

Според Митевски, палењето на знамето на Европска унија пред македонското Собрание било спонтана реакција на граѓаните, „на кои, едноставно, им е преку глава“. Тој потсетува на палењето од Македонците на знамиња на ЕУ и на НАТО во 1999 година за време на нападите од Алијансата врз тогашна СР Југославија.