Покрај „неосновани инсинуации“, изјавите на македонскиот премиер Зоран Заев во неодамнешното интервју за црногорски медиум денеска беа оквалификувани и како „манијакални конструкции“ од портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.
„Ги прочитавме изјавите на премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, во врска со некакви планови за негова ликвидација ‘според црногорско сценарио’, дадени во интервју за црногорското радио Антена М на 5 ноември годинава. Веруваме дека таквите искази не претставуваат само неосновани инсинуации и манијакални конструкции, туку во принцип тие се слични на обид на жртва за себерекламирање. Главно, ваквите изјави им нанесуваат штета на руско-македонските односи и јасно ѝ противречат на декларираната подготвеност на Скопје за конструктивна соработка со нашата земја. Гласноста на таквиот вид ‘ужаси’, едноставно, служи за прикривање на забрзаното вовлекување на балканските држави во Северноатлантската алијанса, додека остануваат надвор од структурите на НАТО. Поради ова во голема мера беше предизвикана неодамнешната политичка криза во македонската држава. Русија никогаш не прибегнувала кон мешање во внатрешните работи на Република Македонија“, рече Захарова на денешниот брифинг со новинарите во руското МНР.
Заев во наведеното интервју изрази очекување дека Русија жестокото ќе реагира при влезот на Македонија во НАТО, сугерирајќи и на можен обид за атентат врз него како во случајот со поранешниот премиер на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.