По 81 година затворено упориштето на македонската свест и идентитет, училиштето на македонски јазик во Подвис, првото во Македонија!

Пишува: Свето Тоевски



Деца, отсега натаму ќе си учите на нашиот мајчин македонски јазик, и нема веќе да се презивате на -иќ, туку на -ски. Смрт на фашизмот!“им рекол учителот Василко Ристески на 23-те дечиња на 17 септември 1943 година во новоотвореното училиште во кичевското село Подвис, првото училиште воопшто во слободна Македонија. Дечињата му одговориле со „слобода на народот“. Училиштето, за кое постојат сведоштва дека го носело името на македонскиот поет Коле Неделковски, е првото, кое започнало со работа на слободната територија на Македонија, и покрај тоа што виорот на војната беснеел и натаму на другите неослободени делови на Македонија, под окупаторот, како и во Балканот и ширум Европа и светот. Училиштето во Подвис постоело и пред Втората светска војна, но во него се учело на српски јазик.

Драган Дамјановски, преселен во Австралија, кој учел во ова училиште во Подвис од прво до четврто одделение во шеесеттите години од минатиот век, во октомври 2021 година има изјавено: „Училиштето е отворено речиси една година пред одржувањето на АСНОМ. Ова е мал, но важен доказ, кој говори против сегашните бесмислици на Бугарија дека јазикот ни е создаден од времето на АСНОМ. Татко ми учел македонски мајчин јазик од мајка му Стојанка и татко му Миле, а тие од нивните родители. Објектот на оригиналното старо училиште се распаѓа и е оставено на забот на времето. Истото се случува и со зградата од ‘поновото’ училиште во рамнината во Подвис. Имам пишувано речиси до сите влади на самостојна Македонија, до сите министри за образование, премиери и претседатели. Никој ниту ми одговорил, ниту презел нешто да се спаси барем историското училиште од целосно распаѓање.“

Пред неколку дена, по 81 година откако беше отворено ова прво училиште на македонски јазик во Македонија, ова упориште на македонскиот идентитет и македонската национална свест – тоа е веќе затворено! Учител повеќе нема, ниту ученици. Остануваат само разурнатите ѕидови во историското училиште повисоко во планината, но и ѕидовите на дотраеното „поново“ училиште подолу во селото Подвис, тивко да шепотат, иако ќе нема да ги чуе никој: Деца, отсега натаму нема да учите повеќе на мајчин македонски јазик во Подвис, училиштето се затвори, а вас ве снема!

Во своја репортажа ТВ 21 објави дека  и „новото“ училиште во Подвис е во катастрофално лоша состојба, истакнувајќи натаму: Се празнат селата во околината на Кичево, а падот на бројот на ученици е закана за затворање на училиштата. Станува збор за централното основно училиште „Христо Узунов“ во Другово, Кичево, каде што учат 126 ученици од 10 околни села. Во двата подрачни објекта во склоп на ова училиште, во селото Србјани учат 12 ученици, а во селото Брждани само 2 ученици, додека училиштето во село Подвис е затворено. Бројот на ученици се намалува од година во година.

Директорката на централното основно училиште „Христо Узунов“ во Другово Билјана Стевановска-Ангелеска вели дека не се знае дали ќе биде затворено и училиштето во Брждани. Намалувањето на бројот на ученици се случува поради големата миграција во последните години и нискиот наталитет. Но друга причина е непочитувањето на реонизацијата на училиштата, бидејќи многу родители ги испраќаат своите деца од село во градските училишта.