Според последните информации од вчера вечер на пет осомничени за тероризам против државата судија на претходна постапка им одредил триесетдневен притвор.
Според судски извори мерка притвор им е одредена на екс министерот Митко Чавков, на полициските службеници Мунир Пепиќ и Оливер Радулов, на оперскиот пејач Игор Дурловски и актерот Владо Јовановски како организатори на движењето „За Заедничка Македонија“ чии приврзаници упаднаа во Собранието.
Неизвесна е судбината на Богдан Илиевски – „Бетмен“ и Борис Дамовски кои исто така ги водеа протестите на иницијативата „За Заедничка Македонија“.
„ За останатите лица, за кои се уште не е завршено сослушувањето, по донесено решение на судија на претходна постапка во однос на предлогот на обвинителството, јавноста ќе биде информирана утре преку соопштение на веб-страницата на судот со целосна информација за донесените решенија“, информираа од Кривичниот суд.
Полициски единици вчера изутрина на барање на обвинителството се обидоа да приведат 36 лица од кои достапни беа само 24. Меѓу тие што сеуште не се достапни за судските органи е пратеникот Јохан Тарчуловски. Сите се обвинети за тероризам по член 313 од Кривичниот законик за што најмалата казна, ако бидат осудени е десет години затвор.
Меѓу обвинетите се пратениците Крсто Муковси кој според видео надзорот ја отвори вратата на Собранието, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Жаклина Пешевска, Љупчко Димовски и Јохан Тарчуловски за кои Собранието ќе треба да одлучи дали ќе им го одземе имунитетот. Оваа одлука ќе треба да ја донесе Комисијата за мандатско – имунитетни прашања.




