Група од 12 земји членки на ЕУ сака шефовите на држави и влади од земјите од Западен Балкан да учествуваат на годишните самити на ЕУ и пред да пристапат во Унијата, пишува Ројтерс.
По години поминати во занемарување на Западниот Балкан и поради зголеменото влијание на Русија и на Кина во регионот, Европската комисија е подготвена веќе утре да објави план според кој Србија и Црна Гора би можеле да станат први што ќе приклучат на ЕУ до 2025 година, пренесуваат белградски медиуми повикувајки се на Ројтерс.
Австрија, Чешка, Естонија, Унгарија, Ирска, Италија, Литванија, Латвија, Малта, Полска, Словенија и Словачка бараат учество лидерите на шесте балкански држави на средбите на врвот на ЕУ, тврди Ројтерс повикувајќи се на документ до кој успеала да стигне агенцијата.
Според предлогот на овие земји, кој е предаден на Европската комисија на крајот од јануари, се бара од министрите од Западен Балкан да учествуваат на средбите на ЕУ кои се однесуваат на заштитата на животната средина, здравството, сообраќајот и надворешните политики.
Укинувањето на трошоците за роаминг за мобилни телефони за околу 18 милиони граѓани на Западниот Балкан е во тек на разгледување, се наведува во документот во кој се констатира дека тие мерки се едноставни, не чинат многу, а би имале огромен политички ефект и би биле инструмент за зголемување на имиџот на ЕУ во регионот, се истакнува во предлогот на 12 земји од Унијата.
Побарано е, официјални претставници на ЕУ многу почесто да доаѓаат во посета на Западен Балкан, пренесува Ројтерс.
Германија, која издвојува најмногу средства во ЕУ за земјите кандидати, е внимателна кога станува збор за приемот на „западно-балканската шесторка“, бидејќи смета дека прво треба да се обезбеди владеење на правото и расчистување со организиран криминал и корупцијата, пренесува Ројтерс.





