Кога руските тенкови и војници ја преминаа границата пред зори на 24 февруари 2022 година, 40 милиони Украинци, спротивно на очекувањата и плановите на Кремљ, успеаја да ги задржат и да го спречат поразот што многумина го предвидоа.
Но, како што започнува третата година од војната, поради тешкотиите на источниот фронт, украинската армија изгледа ранлива.
Зеленски, кој сака да го задржи вниманието на Западот во време кога војната меѓу Израел и Хамас доминира во медиумите, предупреди дека Русија, на чело со претседателот Владимир Путин, можеби нема да застане на границите на Украина доколку победи во војната.
Путин ги отфрла ваквите тврдења како бесмислици.
И додека продолжуваат руските напади врз украинските градови, четворица западни лидери денеска допатуваа во Киев за да покажат солидарност со Украина на втората годишнина од почетокот на руската инвазија, во која загинаа десетици илјади луѓе и ја опустоши економијата на земјата.
Премиерите на Италија, Канада и Белгија – Џорџија Мелони, Џастин Трудо и Александар Де Кро пристигнаа заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со ноќен воз од соседна Полска.
Целта на нивната посета е да ја подвлечат посветеноста на Западот да и помогне на Украина бидејќи таа се соочува со зголемен недостиг од воени резерви, што влијае на нејзината способност на бојното поле, каде Москва остварува територијални придобивки.
Фон дер Лејен на социјалната платформа Х напиша дека е во Киев „да го прослави извонредниот отпор на украинскиот народ“. „Ние стоиме цврсто покрај Украина повеќе од кога било. Финансиски, економски, воено, морално. Се додека земјата конечно не се ослободи“, додаде таа.






