Законот за пасоши денеска пред пратениците

Со доцнење од повеќе од 2 часа, во секој момент треба да почне седницата на која се носат важни одлуки: Законот за патни исправи, Законот за игри на среќа, избор на седмиот член на ДИК.



Дали ќе се реши кризата со пасошите завсии од Собранието, каде денеска на дневен ред се измените на законот за патни исправи. ВМРО-ДПМНЕ бара СДСМ да даде поддршка. Според нив, потребни се 15 пратеници од власта, кои заедно со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ќе го изгласаат законот за продолжување на важноста на пасошите.

„Над 600 илјади граѓани се во државен притвор, не можејќи да ја напуштат државата, а со тоа им се прекршени човековите права на слобода на движење само заради неспособноста на власта на дуи и сдс, додека стотици илјади наши иселеници се заглавени во држави во кои престојуваа“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето дали мнозинството во законодавниот дом ќе даде поддршка за продолжување на важноста на патните исправи, претседателот на македонското собрание, Јован Митрески вчера одговори дека меѓународните договори не можат да се менуваат со друг закон.

„Според информациите што ги добивам е дека тој закон нема да ги реши проблемите и дека е спротивен на членот 118 од Уставот во смисла на тоа дека меѓународните договори дека се дел од внатрешниот правен промет и фактички дека не можат да се менуваат со друг закон, така да конечната одлука ќе биде соопштена во текот на денот“, изјави Митрески.

И ДУИ со сличен став, законот за пасоши бил само популистичка мерка.

Коалицијата ВЛЕН пак, составена од здружената албанска опозиција и крилото на Алијанса за Албанците предводено од Арбен Таравари ќе го поддржи законот предложен од ВМРО-ДПМНЕ кој се однесува на продолжување на рокот на патните исправи до 31 декември.

Првиот човек на Демократско Движење, кое е дел од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити одговарајќи на новинарско прашање рече дека власта ги оставила граѓаните затворени во државата.

-Оваа влада покажа дека не беше на ниво на задачата и ги остави голем број граѓани внатре во државата, но и надвор со голем број проблеми, без нивна вина. Мислам дека секое решение кое оди во прилог на граѓаните, ние ќе придонесеме, рече Меџити.

На собраниската седница денеска е и точката за избор на 8-миот член на ДИК. Се очекува Абдуш Демири  предложен  од албанската опозициска коалиција Европски сојуз за промена да биде избран за член на највисокото изборно тело во земјата.

Комплицирањето на неговиот избор беше причина шестмината опозициски пратеници на сојузот да ја бојкотираат работата на собранието. Тие ги обвинуваа ДУИ и поранешниот собраниски спикер, Талат џафери, за кочење на постапката.

Член на ДИК се бира со дво-третинско мнозинство од вкупниот број пратеници, што значи на Демири сега неопходна му е поддршка и од владејачките партии.