Почна седница на Уставниот суд кој треба да се произнесе за иницијативите за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците во однос на Указот на негово прогласување, на 25 членови на законот, како и на Законот во целина.
На седницата не се присутни судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, како што беше најавено и претходно.
Во 2019 година кога стапи на сила, Законот беше оспорен со 12 иницијативи пред Уставен суд.
Уставните судии ги споија во еден предмет за кој ќе се расправа денеска.
Венецијанската комисија во 2019 година забележа дека Законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот јазик, исто така и за другите јазици на заедниците.
Опозициската ДУИ во пресрет на расправата, почна со т.н. „стража на јазикот“, односно постави шатори пред Уставен суд, и како што велат, застанаа во „одбрана на Законот“.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова им порача на партиските лидери да се воздржуваат од коментари воочи одлуката на Уставниот суд по однос Законот за јазиците.
Премиерот Христијан Мицкоски неколку пати испрати порака дека „ништо нема да се случи“, и повика да не се потпаѓа под провокациите на ДУИ.







