Предлог-законите за четирите стратешки инвестиции од областа на енергетиката, вчера се повлечени од седница на Влада и повторно поднесени за да се елиминираат сите недоумици, веќе се во Собранието, со интервенции во договорите и со избришани членови во два од законите по укажувања од институциите. Она што е интересно е што денеска претставници од владата се Фатмир Битиќи и Каја Шукова, односно не е министерот од ДУИ, Крешник Бектеши кој претходно ги образложуваше законите.
Сега законите се испратени со потпис на Битиќи, а актуелниот премиер Талат Џафери го нема меѓу владините претставници. И во двата случаи предлагач на законите е владата.
Тоа значи дека процедурата се враќа од почеток, прво на пленарна седница треба да се усвои потреба од нивното носење, па потоа за нив да се расправа во комисијата за економски прашања.
Законите се најдоа во собранието минатиот месец, а од тогаш Бектеши јавно зборуваше дека има забелешки на текстот на законите.





