Закани на Синани: На ВМРО ДПМНЕ нема да му биде лесно да ја преземе власта, оти не му се допаѓа на Западот

„На ВМРО ДПМНЕ нема да му биде лесно да ја преземе власта, бидејќи има ориентирања, кои не му се допаѓаат на Западот. Причина за ова е тоа што има руски и српски врски. Македонците и македонските политички партии сакаат да ги користат албанските политички партии, за да ја имаат само тие власта, а Албанците да не добијат ништо. Но, ова време заврши.“ изјави Арсим Синани од Тетово, кој е доктор по политички науки и професор во универзитетот „Хасан Приштина“ во Приштина. Овие ставови тој ги искажа во интервју за Еуроњуз Албанија, откако беше запрашан во врска со „политичкиот маркетинг на македонските политички партии, кои пројавуваат револт, поради барањето на албанските партии претседателот на државата да се избира во Парламентот“. Синани се осврна и на сегашната политичка ситуација во „Р*М“. Инаку, од одделни медиуми на албански јазик во Македонија и Балканот Синани се споменува, наводно, како можен кандидат, кој би раководел со огранокот за Македонија на владејачката косовска партија Ветвендосје (Самоопределување) на Албин Курти.



Во својата информација под наслов „Западот не го преферира ВМРО ДПМНЕ“ информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА ги пренесува следните нагласки од она, што го кажа Синани во интервјуто за Еуроњуз Албанија: „Македонските политички партии да заборават дека ќе имаат коалициски партнер албански партии, кои само ќе го задоволат само личното ‘јас’ на мала група луѓе, додека од друга страна се Албанците, со кои ќе владеат. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија има внатрешни организациски проблеми и тоа укажува на неговото паѓање. Сега на СДСМ му треба малку национализам, за да остане на власт.“

„Сегашниот претседател на Македонија, кој стана тоа, поради  помошта на ДУИ и на албанските опозициски партии, ќе посака да добие уште еден мандат, но македонски претседател без Албанци внатре е штетно. Од друга страна, ВМРО ДПМНЕ не се созема. Има ориентација, која не му се допаѓа на Западот. ВМРО ДПМНЕ ќе има сериозни проблеми да дојде до власт, и покрај тоа што наликува како да има мала предност.“

Инаку, во споменатото интервју Синани уште го обвинува ВМРО ДПМНЕ и дека, наводно, „се уште не се ослободува од своето антиалбанство“. „Македонските политички партии сакаат да ги користат албанските политички партии, за да бидат на власт, но не и да ја делат власта со Албанците. Македонските политички партии сакаат Македонците да ја имаат власта, а Албанците да не добијат ништо. Но ова време заврши.“ – истакна Арсим Синани.