Закани на Малески: Ако не го смени ВМРО ДПМНЕ уставот по 8.5, нема да формира Влада и ќе се судри со САД, ЕУ и Албанците!

„Ако тргне ВМРО ДПМНЕ во погрешна насока, односно ако не го промени уставот и ако го отфрли ‘францускиот предлог’, тогаш тоа ќе значи судир со Америка и ЕУ надвор, а дома со Албанците и со дел од македонскиот народ. Секое запирање на европскиот процес значи јакнење на албанскиот радикализам, чии екстремисти се за една албанска држава. Тогаш ќе бидат загрозени стабилноста и просперитетот на македонската држава. И најголемата победа на македонските партии од опозицијата не може да доведе до формирање влада, ако сите албански партии, подржани од Западот, застанат цврсто зад одлуката за уставни промени, кои одново ќе го отворат патот кон ЕУ, пред формирање влада, или во некаков договорен краток рок. Чисто македонска влада може да се случи, но како вовед во политичка криза.“ – изнесува поранешниот министер за надворешни работи и професор по политички науки Денко Малески низ еден своевиден тон на закани, или „поуки“ во стилот „да не биде она, што може да биде, или ќе биде“ во својата колумна под наслов „После изборите следи политичка криза?“ Од причина да ги имаат предвид мнозинството на Македонци, но и други граѓани-гласачи, овие „корисни поуки“ и „совети“, поточно закани на Малески, за да си се позиционираат наспрема нив како што мислат самите тие и да постапат на изборите согласно со својата политичка волја, го пренесуваме во пошироки наводи тоа писание на поранешниот министер и професор. Колумната на Малески е, всушност, потсетник и потврда за фактот дека претстојните избори, и претседателски и парламентарни, не се само обично гласање, туку многу повеќе оти треба да претставуваат масовен референдум за Македонија, ќе ја има ли како држава, или не сосе македонскиот народ!



Во колумната, која ја објави информативниот портал „Либертас“, покрај другото, Малески пишува: Што ќе се случи откога ќе се пребројат гласовите на претстојните избори? Анкетите прогнозираат победа на опозицијата и формирање влада на ВМРО-ДПМНЕ со нивниот водач како премиер. Во еден парламентарен повеќепартиски систем, како што покажува праксата и во стабилните западни демократии, победникот на изборите може, но и не мора да формира влада, ниту првиот човек на партијата мора да биде премиер. Условени од домашни и од меѓународни чинители, можни се разни комбинации.

Јавајќи на бранот на национализмот и повреденото достоинство на народот, опозицијата веќе три децении проблематизира дословно се што е направено во изминативе 33 години: од приемот во ОН со референцатата, преку Охридскиот и Преспанскиот, па до договорот со Бугарија. Сето тоа е натоварено во вагоните на нивниот забрефтан „победнички“ воз на овие избори, со проценка дека дојде време да се капитализира целиот тој труд. Проблемот за нашата држава е што возот ќе тргне во погрешна насока: спротивна од насоката која, со одлучувачка помош на меѓународниот чинител, нѐ водеше надвор од балканскиот лавиринт.

Да возиш во погрешна насока значи, некаде попат, да се судриш со Америка и ЕУ надвор, со Албанците – втората по големина етничка заедница и со дел од македонскиот народ дома.

Во меѓународниот контекст опасно е да се отфрла „францускиот предлог“ за продолжување на преговорите со ЕУ. Тој предлог е производ на геополитичките интереси на западните сојузи во крајно тешки времиња за Америка и Европа, во кои не може да се смета на нивно големо трпение. Згора на тоа, кога се знае за слоганот дека за Албанците „Сонцето изгрева на Запад“, имаме комбиниран отпор кон промената на македонската надворешна политика. Она „и ние сме за ЕУ“ не поминува надвор без чекори во таа насока, кои ќе бидат потврда на кажаното.

Затоа, и најголемата победа на македонските партии од опозицијата не може да доведе до формирање влада, ако сите албански партии, подржани од Западот, застанат цврсто зад одлуката за уставни промени, кои одново ќе го отворат патот кон ЕУ пред формирање влада, или во некаков договорен краток рок. Чисто македонска влада може да се случи, но како вовед во политичка криза. Причините за таквата криза се посериозни од оние, што може да се видат со голо око.

Секое запирање на европскиот процес значи јакнење на албанскиот радикализам, чии екстремисти се за една албанска држава. Не знам каква е состојбата денес, но во некаква странска статистика од пред многу години се изненадив дека 60 и повеќе проценти отсто од Албанците во Македонија се изјаснуваат во прилог на обединување во една албанска држава и дека водиме пред Косово и Албанија.

Да не се оддаде макар мало признание на придонесот на актуелните албански политичари за политика на интеграција во македонската држава, кои одат против волјата на поголемиот дел од својот народ, значи да се вика ѓаволот на вечера. Ѓаволот, во оваа ситуација, би била нова генерација водачи со радикални барања, кои излегуваат од рамките на Охридскиот договор.

Ако албанските партии одбијат да влезат во влада на ВМРО-ДПМНЕ, меѓуетничката криза е неизбежна, без оглед на парламентарното мнозинство. Во комбинација со судирот на македонската државна политика со геополитиката на западните големи сили, стабилноста и просперитетот на македонската држава се загрозени. Членството во НАТО ми дава некаква сигурност дека кризата ќе биде надмината со средствата на парламентарната демократија.

Можеби преку повторување на сценариото, кое го видовме во Бугарија каде од едни до други предвремени избори бугарските националисти губеа сила.Тоа може да оди потешко во Македонија, но не гледам можност Западот да попушти ако процени дека новата политика е во прилог на руските интереси да се попречи, или да се успори пристапот на Македонија кон ЕУ. Станува уште помал просторот за маневрирање на мала држава како што е нашата.

Што се однесува до исходот од претседателските избори, истата таа мултиетничка композиција на македонското гласачко тело може да биде одлучувачка, во прилог на кандидатот на власта и да ги демантира сегашните анкети. И начинот на водење на кампањата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ со инсистирање на „гордоста“ во време кога фрижидерот е поважен од телевизорот, може да има свој удел во истата насока.