Пропаднаа обидите на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис да го актуализира прашањето околу почитувањето на Преспанската спогодба за време на одбележувањето на 75-годишнината од основањето на НАТО, а најдобра потврда за тоа е што во заедничката декларација од самитот никаде не се споменуваат билатералните договори.
Од тие причини, грчкиот премиер ги афирмираше сопствените видувања во однос на (не)употребата на уставното име од страна на новите македонски власти пред новинарските екипи и на панелите во рамките на НАТО-самитот, но не и на главниот состанок каде што фокусот беше насочен кон зголемување на воената и финансиската помош за Украина, зголемувањето на воените буџети на земјите членки, операционализацијата на нови воени бази, пред сѐ онаа во Полска, а според очекуваното, НАТО упати и критика до Кина, која Пекинг најостро ја отфрли.

Сето ова јасно говори дека НАТО има далеку посериозни предизвици со кои сака да се соочува, отколку да се оптоварува со билатерални договори меѓу две нејзини членки. Тоа на Мицотакис му беше порачано уште пред самитот, пишува Нова Македонија.
– Секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО, за да се осигури дека има соработка и регионална стабилност во вашиот регион – порача во пресрет на НАТО-самитот главниот директор за Европа и НАТО во Пентагон Олтон, Бјуланд.
Соочен со таквиот пристап на сојузниците, Мицотакис повторно игра на картата да ја разбуди „загриженоста кај меѓународните партнери“, тврдејќи дека со тоа што Македонија, наводно, не ја почитувала Преспанската спогодба, се испраќало лош сигнал за решавање на сите други отворени прашања, но истовремено, ќе се загрозела и регионалната безбедност, тези на кои очигледно западните партнери повеќе не паѓаат.
Очигледно грчкиот премиер немајќи вистински аргументи кога станува збор за колоквијалната употреба на името „Македонија“ и индивидуалното право во неформална комуникација тоа да се употребува, дури и од државни функционери, сега се повикува на испраќање погрешна порака до сите оние што имаат отворени прашања во регионот, а дека наводното непочитување на Преспанската спогодба од македонска страна, според грчкото толкување, ќе ја загрозело безбедноста во регионот.
– Прекршувањето или селективното спроведување на договорот ќе го поткопа кредибилитетот на сите напори за решавање на другите отворени прашања во Западен Балкан и ќе ги загрози стабилноста и безбедноста во регионот. Pacta sunt servanda (договорите мора да се почитуваат н.з.). Сите мора да го запомниме ова – истакна грчкиот премиер.
Претходно уште еднаш повтори дека грчката влада била доследна во поддршката на процесот на проширување, но дека будењето на националистичките духови во соседните земји го оневозможуваат тоа. Повеќе на Нова Македонија.





