Заев се појави во друштво на Пендаровски и раководството на СДСМ

Поранешниот лидер на СДСМ и премиер, Зоран Заев денеска за прв пат се појави со раководството на СДСМ и кандидатот и актуелен претседател, Стево Пендаровски, на настан по повод завршување на изградбата на браната „Конско“.



Оваа брана, според надлежните, ќе овозможи модерно наводнување на најмалку 6 500 хектари во текот на целата година, зголемување на обработливите површини за пет пати, помали трошоци и поконкурентно производство.

Овој капитален проект, како што беше речено на денешниот настан, е најголем во државава во последните 50 години, а се реализира со инвестиција вредна над 40 милиони евра, обезбедена директно од Буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Новата вештачка акумулација е изградена со користење најсовремени технолошки методи, по светски стандарди. Водата од акумулациското езеро, освен за наводнување, ќе се користи и за производство на електрична енергија. Акумулацијата ќе овозможи и развој на руралниот туризам, спортски и рекреативен риболов, но ќе добие и нова, дополнителна вредност со предвиденото поставување на пловечките фотоволтаци.