„Охрабрени сме од оптимизмот, вербата и поддршката од нашите граѓани, како и од поддршката од САД. Тоа е силен мотив како Премеир да ја оправдам довербата и да ги остварам очекувањата.Тоа што денеска со нас е потпретседателот на САД покажува дека Македонија и земјите од Западен Балкан имаат верен партнер. Свесни сме дека регионот и овој дел од светот е стратешки дел за глобалната безбедност“ рече претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев во обраќањето на Самитот под закрила на НАТO во Подгорица.



Заев заедно со премиерот на Црна Гора Душко Маровиќ, е кодомаќин на Самитот на земјите членки на Јадранската повелба на кој гостин е потпретседателот на САД Мајк Пенс, а на него учествуваат и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Црна Гора, Душко Марковиќ и на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, како и на земјите набљудувачи, Србија, со премиерката Ана Брнабиќ, Косово со претседателот Хашим Тачи и Словенија со премиерот Миро Церар.

Македонскиот премиер не пропушти пред американскиот потпретседател Мајк Пенс да потенцира дека работите во регионот се менуваат на подобро и дека нашата земја се појавува како иницијатор на позитивните промени. Зоран Заев во истовреме не ги криеше личните, но и очекувањата на својот народ.

„Очекуваме Македонија да стане 30. членка на НАТО. Енергично работиме за соработка во регионот, се отвораме кон соседите. Вчера го потпишавме Договорот за добрососедство со Бугарија, а ја интензивираме соработката и со другите земји во регионот“ истакна Заев.