Премиерот Зоран Заев му посака среќа на новоизбраниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упатувајќи и повик до опозицијата да се врати во Собрание.
„Можам само да му посакам среќа на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и заедно сите да му ја мислиме за Република Македонија. Завршувањето на конгресот на нашиот политички опонент и изборот на нов лидер треба да претставува перспектива и за државата. Очекувам конструктивен процес во Парламентот и критичен осврт од опозицијата“, изјави Заев по денешното судско рочиште за случајот „Поткуп“.
„Учеството на опозицијата е неопходно за да имаме нормални и демократски процеси. Убеден сум дека опозицијата треба да биде составен дел од сето она што значи реформски процес, но и сето она што значи добри перспективи на Република Македонија. Таму каде што ќе успееме да се усогласиме, го очекувам и нивниот глас, таму каде што нема да се согласуваат со власта да бидат критични и против“, додаде претседателот на Владата.
Со Мицкоски тој најави средба „во првата пригода кога ќе има потреба за тоа“.






