Еврокомесарот за буџет и администрација, Јоханес Хан, ги повика сите вклучени, меѓу кои и новата влада на Македонија, да се придржуваат до Преспанскиот договор.



„Што се однесува до случајот со Северна Македонија, тоа ме загрижува. Можеме само да ги повикаме сите страни, вклучително особено новата влада на Северна Македонија, да се држат до Договорот од Преспа и да работат на европската перспектива на секоја земја, но и да им помогнат на соседните земји. Верувам дека оваа обврска особено на соседните земји да им се помогне со доследни напори, ќе ја поддржи целиот регион. Затоа што навистина верувам дека ако направиме одржлив чекор напред, во случајот со Северна Македонија тоа ќе има влијание врз целиот регион, на пример на разговорите меѓу Србија и Косово, кои треба повторно да се активираат со новата Комисија“, ја цитира неговата изјава на средба со новинарите во Брисел грчката новинска агенција АНА-МПА.

Во својство на комесар на ЕУ за проширување и добрососедство во Комисијата на Јункер од 2014 до 2019 година, Хан по пропаднатиот референдум за името од 30 септември 2018 година сугерираше да не се оди на предвремени избори и да се протурка преименувањето на Република Македонија ако треба и со „балкански методи“.

„Потребни се осум или девет гласа од опозицијата и тоа мора да биде остварено. Сите велат дека сакаат членство во ЕУ и во НАТО, вклучувајќи ја и опозицијата, а тогаш, едноставно, мора да ја платите цената на ова решение. Станува збор за решение што е во интерес на земјата, а не на партиите и на политичарите. И во таков случај, како можат да се обезбедат гласовите? Јас верувам со комбинација меѓу балканското и рационалното“, порача тогаш Австриецот.