„Со традиционалното василичарско оро и палење на маските во дворот на Мултикултурниот центар во Вевчани попладнево ќе заврши годинашното издание на Вевчански карневал. Палењето на маските симболизира бркање на злото, а вевчанци веруваат дека прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар. Претходно зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, ќе ги посетат семејствата, чии членови го носат името посветено на Свети Василиј.“ – објави весникот “Нова Македонија“.
Весникот пишува: Во средиштето на вниманието и на годинашното карневалско издание беа сегашните состојби во Македонија и светот. На сатиричен и единствен начин во опуштена атмосфера во кабинетот на поранешниот вицепремиер Артан Груби фудбал играа поранешните министри на ДУИ, кои со себе го носеа и куферчето од Државна лотарија на Македонија, а премиерот Христијан Мицкоски им даде црвен картон. Вевчанци на сатиричен начин побараа и враќање на уставното име Република Македонија на личните документи, но не го заборавија ниту бегството на поранешниот вицепремиер Груби. Дел од маските беше и Бугарски администратор, Планетата на мајмуните, инспирирани од истоимениот филм, веселата „Вевчанско вече“, тимот на вевчанската женска фудбалска репрезентација, како и карактеристични маски со чудовишта, принцези, снежни кралици, новогодишни елки…
Поворката ја предводеа традиционалните маски со зетот и невестата заштитувани од ѓаволи и глупави Августи, веднаш зад нив одеше оркестарот со зурли и тапани. Вевчани изминатите два дена претставува отворена театарска сцена, без сценарио и режија, каде дефилираа голем број маскирани вевчанци, пред своите сограѓани, но и бројна публика од земјава и странство.
Вевчанскиот карневал датира од настанокот на селото, со традиција од околу 15 века. Симболизира два напоредни света: едниот кој, му припаѓа на паганството, а другиот на христијанството. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики, или доаѓањето на Новата година по Јулијанскиот календар.





