Нелогичен и недокажан е мотивот да биде користољубие за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓрчевска и на Панче Жежовски, изјави денеска првообвинетиот во случајот Љупчо Палевски Палчо пред Кривичниот суд на прашање на обвинителството, дали му било познато дека родителите на девојчето, Зорица и Александар се разведени и доколку биде ликвидирана Зорица, нејзиниот поранешен сопруг нема да наследи ништо – пренесе Телма.
- „Доколку е користољубие ќе имаше засолниште за детето, а не класично убиство и ќе имаше контакт со мајката или таткото за да се направи таа уцена, за да се принуди некој да даде пари. Но, не само што не се случило, туку вие не понудивте доказ на таа многу важна околност. Мотив зошто е сторено делото“ – рече Љупчо Палевски Палчо.
Палевски сведочеше и дека бил неколку пати во домот на Манев во Велес но не и вечерта пред убиството на Жежовски. На прашањето зошто не ја носел со себе медицинската документација кога по убиствата заминал за Белград, па за Беликесир, тој одговори дека имал две цедиња со него од магнетна резонанца од кичмата, кои обвинителството ги украло кога бил екстрадиран. Но, Палевски немал закажано ниту термин за магнетна резонанца, ниту кажа во кој болница планирал да го прави прегледот. Палевски уште еднаш порача дека обвинението против него е резултат на политички прогон.
- „ Постојат најмалку дестина празнини од доказите кои ја налагаат потребата од реконструкција на настанот“ – вели Бојан Манев, адвокат на Видевски.
Адвокатот на другиот обвинет Боре Видевски ќе бара реконструкција на убиствата.





