Заветот на војводата Михајлов за борбата против великобугарскиот врховизам и да се сочува страдалницата Македонија!

„На денешен ден, 1 март 1905, во битка со Турците кај селото Смол, Гевгелиско, својот живот за слободата на Македонија го положува  војводата Сава Михајлов-Савата, кој како тврдокорен македонски револуционер се борел беспоштедно и против великобугарскиот врховизам. Двете комитски чети на Сава Михајлов и војводата Апостол Петков се нашле тој ден опколени од околу 500 души турски аскер, откако претходно биле предадени од овчари-Албанци. Нерамноправната битка меѓу македонските комити и турскиот аскер се одиграла на месноста Голема Рудина кај селото Смол. Борбата траела 5 часа и комитите се бореле до последните куршуми. Откако ги потрошил сите куршуми, војводата Сава Михајлов испива отров, за да не падне жив во рацете на Турците. Од вкупно 43 комити од двете чети единствени, кои успеале да го пробијат турскиот обрач и да останат живи, се војводата Апостол Петков и еден негов комита. Војводата Сава Михајлов заедно со 40 комити го положува животот за слободата на Македонија. Вечна ви слава јунаци, вечна ти слава, војводо Михајлов!“ – има напишано на својот фејсбук-профил организацијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден – Пирин по повод херојското загинување на војводата Сава Михајлов.

Во статија со наслов „Сава Михајлов, учител, револуционер, војвода – ЗАВЕТ ЗА ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ“ на интернет-порталот на „Македонско сонце“ и во една друга статија, објавена на порталот на „Македонска нација“ за овој славен македонски револуционер пишува: Сава Михајлов е роден на 25 декември 1877 година во селото Мачуково (денес Евзони), Гевгелиско, во Егејскиот дел на Македонија. Образованието во Солунската гимназија го завршува во 1895 година. Истата година станува член на ТМОРО. Многу рано влегува во револуционерните води и учествува во сите важни случувања за македонското ослободително дело.



Борбата на македонскиот народ за слобода и за создавање сопствена држава се одвиваше во повеќе фази. Иако противниците беа многубројни, слободарскиот оган не згаснуваше. Во македонскиот пантеон се врежаа имиња на многубројна плејада достојни синови на Македонија, кои ги оставија своите коски по нејзините ридови и полиња, многу често не доживувајќи ја ниту 30-тата година од своите животи. Нивната смрт претставуваше завет за идните
генерации да го довршат ослободителното дело и да ја сочуваат страдалницата Македонија. Такви беа чувствата и заложбите на гевгеличанецот Сава Михајлов – Савата, кој во походот кон слободата, во нерамната борба со османлиската војска го положи својот живот пред олтарот на татковината. Тој беше отсекогаш доследен 
поборник на самостојноста на Македонската револуционерна организација и на македонското ослободително дело.

Под влијание на Делчев Михајлов си имаше поставено за задача да ја брани самостојноста на Внатрешната организација. Тој до крај настојуваше во таа насока, работејќи во согласност со Сандански, Чернопеев, Крсто Асенов и други. Откако бил посветен на делото, во сите места каде што учителствува Сава Михајлов ја шири организациската мрежа. Во 1900 година по наредба на ЦК на МРО, работи како учител во Горна Џумаја и станува реонски раководител на Организацијата. Во 1901 година, следен од властите, Савата станува илегален и влегува во четата на Јане Сандански и Христо Чернопеев, со која учествува во аферата Мис Стон. По добивањето на откупот, тој со Сандански и Крсте Асенов се повлекува во Софија, каде што останува до 24 јануари 1902 година.

Како учител и револуционер дејствувал во селото Ракита, Неготино, Гевгелија и Горна Џумаја. Борбата за слобода, како што истакнуваа тогаш раководителите на Организацијата, имаше нужда од оружје, а за него беа потребни пари. Се дојде до сознание дека со грабнување на видни лица од власта, или на лица, кои беа под нејзина заштита, ќе може да се изнуди одреден износ. Во една од најуспешните акции, што имаше силен одглас во светскиот печат во тоа време, во познатата афера Мис Стон, учествуваше и Сава Михајлов.

Како тврдокорен македонски револуционер Савата се борел беспоштедно и против великобугарскиот врховизам. Во март 1902 година Михајлов заедно со Сандански заминува на Пирин, каде што остануваат до крајот на мај, кога повторно се враќа во Софија. Во овој период тој дејствува во Горно Џумајско и учествува во конфликтот со Врховниот комитет. Во почетокот на 1903 година учествува на Софиското советување на Македонската револуционерна организација, а потоа заминува со Борис Сарафов преку Ќустендил и Кочанско со чета од десет души во Гевгелиско и се вклучува во подготовките за Илинденското востание. Савата беше против пребрзано востание во Македонија, но кога се крена Илинденското востание се вклучи во неговите борби со својата чета. Како реонски началник во Гевгелиско во Илинденското востание извршува повеќе вооружени акции заедно со четата на Аргир Манасиев и Иванчо Карасулијата. На почетокот на востанието, заедно со Аргир Манасиев организираат диверзија на железничкиот мост на Вардар кај Гевгелија, потоа кон крајот на август двете чети водат борба кај Клисура, а на почетокот на есента четата на Сава Михајлов и Кукушката чета води борба кај Башбунар на Пајак Планина.

По Илинденското востание Сава Михајлов се префрлил во Бугарија. Во 1904 година тој на Љубомир Милетич му ги пренесува спомените од својата револуционерна дејност. Во овој период Сава дејствувал во Бугарија и Србија, а најмногу во својот роден крај. Во текот на февруари 1905 година со четата на Апостол војвода навлегува во Гевгелиско. Четата била забележана од овчари-Албанци, кои ги известиле турските власти. На март 1905 година, Сава Михајлов – Савата го имал последниот судир со османлиската војска.

Турската војска и башибозукот ја опколиле четата крај гевгелиското село Смол (денес Микро Дасос), на височината Голема Рудина. Во првите утрински часови борбата се водела само со аскерот од Гевгелија и од Дојран и со башибозуците од гевгелиските села. По извесно време во престрелката се вклучила и војска од Солун. Во борбата, која траела околу 12 часа, од 42-ца македонски револуционери се спасиле само Апостол војвода, ранет во пета, и еден револуционер. По херојскиот отпор 28-годишниот Сава останал на бојното поле. Откако видел дека тешко ќе се извлече од обрачот и оти нема повеќе муниција, испил отров, за да не падне жив во рацете на Османлиската власт.

На ваквиот крај на животната приказна на Сава Михајлов укажува белешката лично напишана од него на мало ливче хартија, што го пронаоѓаат турските офицери по битката. Ова уште тогаш го потврдува една група селани од Мачуково. Околу 15 жители на чело со Иван Јанчев од истото село, учител од Бајалци, при погребот на убиените четници на телото на војводата не забележале рани од куршуми. Сава Михајлов – Савата лежел мртов со пена во устата. Радосни што го нема повеќе познатиот војвода Сава Михајлов – Савата, турската влада ги наградува своите војници со чинови и пари.