„Журнал“: Таравари е свеќа, запалена за да им осветлува на Ахмети и ДУИ на патот на нивната „трансформација“ и враќање на власт!

„Арбен Таравари беше симбол на нов политички дух, име кое многу Албанци во С.Македонија го гледаа како надеж за промена. Тој беше политичар, кој ја врати надежта кај Албанците и помогна да се постигне политичка ротација, каква што не се случила со децении. Но потоа се претвори во свеќа, која се запали, само за да го трансформира, да го преобрази лидерот на ДУИ Али Ахмети. Сепак, не треба да просудуваме однапред сè додека не ги дознаеме околностите одвнатре, бидејќи Таравари можеби има голем долг кон интегристите, поради кој ги презел овие активности.“ – истакнува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Таравари – свеќа, која е запалена, за да ѝ осветлува на ДУИ“.

Таравари гори, Ахмети се тресе

Натаму „Журнал“ пишува: Неговиот десничарски партиски колега Арбен Фетаи отворено изјави дека Таравари, со своите постапки, се обидува да ја врати ДУИ на власт. Денес за Таравари, кој ѝ даде кислород на албанската опозиција, голем дел од јавноста смета дека е „свеќа“, која гори не за да им го осветли патот на граѓаните, туку за да послужи како светлина за Али Ахмети и ДУИ, лидер и партија, кои владееја повеќе од 20 години со ароганција и неисполнети ветувања. Ненадејниот политички пресврт на Таравари, преминувањето на опозициската линија во најкритичниот момент, заедно со гласините дека тој го отвора патот за враќање на ДУИ на власт, е удар за сите оние кои веруваа во вистинската ротација. Нема ништо поболно за разочараниот електорат од тоа да биде предаден токму од оној, што ја оживеал надежта.

Не оставаат многу простор за сомнеж изјавите на неговите најблиски соработници, како што е Арбен Фетаи, кој отворено укажа дека Таравари работи во интерес на ДУИ. Ова веќе не е само прашање на политички толкувања. Тоа е отстапување од каузата, што ја претставуваше Таравари. Ако ова е намерен потег, тогаш мора да кажеме дека е политички, но не и мудар. Ако е изнуден потег, кој морал да го направи, тогаш е трагично. Бидејќи какво и да е оправдувањето – политичка калкулација, личен притисок, или долг кон старите структури – резултатот е ист: очај на Албанците, кои веруваа дека конечно е пронајден некој, кој не работел во интерес на своите лични интереси. Секако, во политиката ништо не е конечно. Таравари сè уште може да ја разјасни својата позиција, да се врати на принципите што го направија доверлив и да докаже дека не е само уште еден инструмент во старите игри на власта.

Но, времето не чека. Јавното мислење повеќе не е наивно. За прв пат по многу години Албанците почнаа да веруваат дека е можна смена на политичките генерации, оти една силна опозиција, која има интегритет, може да ја замени кастата, што беше потрошена и компромитирана. Ако се изгаси и ова светло , тогаш загубата нема да биде само на Таравари, туку на сите.

.Денес прашањето повеќе не е „што ќе прави Таравари?“, туку „кому му служи всушност?“ Ако одлучи да гори, за да го осветли Ахмети, тогаш целата негова политичка кариера ќе остане болна иронија за Албанците, кои бараа промени. Но, ако одлучи да се врати на патот, по кој започна, со јасност и достоинство, тогаш можеби не е предоцна да го зачува она, што му останало од јавната доверба. Историјата не им простува на плашливците, ниту на оние, кои се колебаат меѓу две столчиња. Таравари има се уште време да избере: да гори како светлина за друг, или да остане како самосвесен пламен во служба на својот народ. – пишува „Журнал“.