„По поднесувањето на амандманите од коалицијата Вреди Владата го повлече законот за средно образование. Со ова повлекување Албанците се победници, бидејќи не дозволија да им се всадува во мозокот уште од детството химна, која не е сеопфатна!“ – истакнува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Се додека ќе немаме сеопфатна химна, нема да може да се интонира химната, која исклучува!“.
Покрај другото, „Журнал“ пишува: Повлекувањето на законот за средните училишта, кој ги обврзува да ја интонираат химната, е одлука која ја намалува меѓуетничката напнатост. Коалицијата Вреди, како дел од Владата, гарантираше дека овој закон нема да помине, а албанската опозиција крена прашина, посочувајќи дека тој закон е противалбански. Сега коалицијата Вреди се фали дека успеале без врева да го тргнат законот, но од ДУИ истакнуваат дека тоа е последица на реакцијата на народот. Сепак, заслугите ѝ припаѓаат на коалицијата Вреди, поради тоа што законот не помина.
Законот не помина, Албанците победија
Но, без оглед на партиските разлики, важно е тоа што победија Албанците со ова поништување на законот. Албанците победија, бидејќи нема да бидат дискриминирани од државните институции. Интонирањето на македонската химна во албанските училишта би создало незадоволство кај албанските ученици, ако би слушале химна, во која не се застапени воопшто.
Македонската химна може да се интонира, не му пречи никому ништо, но напоредно со неа секако мора се пее и албанската химна во во албанските училишта.
Мора да биде јасно: ако стане официјално прашањето за химната во целата држава, тогаш ќе мора да се интонира и албанската химна во секое албанско училиште, но и не само во општините со албанско мнозинство. Бидејќи има многу општини, во кои Албанците не се мнозинство, но има таму голем број албански училишта, со цел да се задоволат потребите на Албанците ќе треба да се пее и албанската химна секаде каде што има настава на албански јазик.





