„Албанците постојано се провоцирани и загрозени од стремежите на некои соседни народи, пред сè од Србија. Тоа им го зголемува на Албанците чувството на готовност да се бранат, па и со земање оружје. Да беше спроведено истражување на јавното мислење во * Македонија врз етничка основа, можеби и кај овдешните Албанци ќе беше забележана готовност поголема одошто е просекот. Кој народ би толерирал вакво однесување кон него од државата, во која живее, освен Албанците од Р*М? На Албанците од * Македонија не им е лесно, што како народ, кој учествува со 30 отсто во населението, располагаат со помалку права од Србите, кои ги има 5 проценти во населението во Косово. Но, сепак Албанците од * Македонија им даваат предимство на политичките средства, а не на насилството и не се народ-поттикнувач на војна.“ – пишува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Другата страна на истражувањето на јавното мислење: Албанците се подготвени за мир, но и за самоодбранбена војна!“. Инаку, 14 март во оваа 2024 година, денот на објавувањето на оваа редакциска анализа на информативната агенција на албански јазик „Журнал“, случајно, или не, се совпаднува со 14 март во 2001 година, денот кога во месноста Кале над градот Тетово започнаа првите оружени напади на припадниците на УЧК врз македонската полиција и Армијата на Република Македонија, со што оружениот судир таа година се префрли и во тетовскиот регион.
Во анализата, покрај другото, „Журнал“ пишува: Според истражувањето на „Галуп интернешнал“, денес помалку луѓе во светот се подготвени да се борат за својата земја во споредба со пред десет години. „Ако има војна, во која би била вклучена вашата земја, дали би се бореле за својата земја:“ На ова прашање 34 отсто од испитаниците во * Македонија одговориле со „да“, 51 отсто одговориле со „не“, а 15 отсто рекле „не знам“. Анкетата е спроведена во 45 земји во светот од октомври до декември 2023 година преку интервјуа: телефонски, преку интернет и физички. Во * Македонија физички биле интервјуирани 1.202 полнолетни граѓани од 1 до 21 декември 2023 година.
Во Албанија и Косово многу е поголем процентот на оние, кои се подготвени да се борат. Во Албанија 60 отсто од испитаниците одговориле дека ќе се борат, додека на Косово 79 отсто, каде што само 14 отсто од испитаниците одговориле со „не“.
Ако се направи површна анализа на високото расположение на Албанците за борба, што го покажува истражувањето во Албанија и Косово, на прв поглед се создава впечаток дека сме агресивен народ и оти се стремиме кон териториите на соседните народи. Но, ако подлабоко и повнимателно анализираме, ќе видиме дека реалноста го покажува спротивното. Реалноста покажува дека високата подготвеност за борба е првенствено одбранбена готовност. Албанците постојано се провоцирани и загрозени од стремежите на некои соседни народи, пред сè од Србија. Тоа им го зголемува на Албанците чувството на готовност да се бранат, па и со земање оружје.
Да беше спроведено истражувањето во * Македонија врз етничка основа, можеби и кај овдешните Албанци ќе беше забележана готовност поголема одошто е просекот. Но, ова би било само како високо чувство да се одговори на можната опасност, а не да се поттикне насилство. Бидејќи Албанците од * Македонија се најдобар пример за народ, кој им дава предимство на политичките средства, а не на насилството.
Со години и децении се соочуваме со перфидна државна стратегија, која нè држи изолирани од пристап до важни патни коридори, но никогаш не сме протестирале против оваа појава, а камоли да го изразиме нашето незадоволство на радикален начин. Можеби некој ќе ги спомне настаните од 9 мај 2015 година во Куманово, но замислете како би реагирале другите народи, ако се соочуваат постојано со најопасните сценарија, како што беа случаите „Сопот“, „Бреза“, „Радуша“, „Монструм“ и т.н.
Како ќе реагираа Србите во Косово или Босна, ако им се правеа такви провокации? Како би реагирале Србите на Косово, ако беа повеќе од 30 отсто од вкупното население, а 20 години да не им се изградат два километри автопат? Кој народ би толерирал вакво однесување на државата, во која живеат, освен Албанците во Р*М? На Албанците од * Македонија не им е лесно, што како народ, кој учествува со 30 отсто во населението, имаат помалку права од Србите, кои ги има 5 проценти во населението во Косово.
Но, благодарение на мирољубивата политика, што ја поддржуваат, Албанците го искажуваат својот револт само со политички, а не со насилни средства. Ова е неопходно појаснување пред да почнат непријателите да нè обвинуваат дека сме народ-поттикнувач на војна.





