„Поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи објави дека и тој се пријавил како дел од ‘Стражата за албанскиот јазик’. Османи ги повика сите граѓани да ѝ се приклучат на оваа иницијатива. ‘И јас се пријавив како дел на ’Стражата за јазикот’. Дојди и ти!’ – напиша на фејсбук Бујар Османи. Но, дел од медиумите во земјата објавија дека изгледа пропаѓаат напорите на ДУИ да организира масовен протест пред Уставниот суд, со тврдење дека го бранат законот за употреба на јазиците. Иако поставија шатори и се обидоа да создадат атмосфера на отпор, учеството е многу мало, а речиси и да нема поддршка од граѓаните.“ – објави информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својот редакциски коментар со наслов „Пропаѓа повикот на Бујар Османи за приклучување кон протестот под мотото ‘Стража за јазикот – Дојди и ти!“.
Натаму во коментарот агенцијата пишува: Многу граѓани на овој протест гледаат како на очајнички чин на партија која сака да ја одбегне одговорноста за коруптивните афери и злоупотреби низ годините. Зголемени се критиките кон ДУИ, со обвинувања дека овој протест нема врска со заштитата на албанскиот јазик, туку е обид да се зачуваат личните интереси и за спасување од правдата.
И покрај обидите ова да се прикаже како национално прашање, се чини дека граѓаните се уморни од користење чувствителни теми за политичка корист. Албанците сметаат дека Уставот ги штити, бидејќи се автохтони и државотворни и оти не се потребни такви политички спектакли.
Вчерашниот протест е доказ дека граѓаните ја губат довербата во ДУИ, а гласот на одговорноста и правдата станува се посилен.






