„Како и секоја нова влада, така и оваа влада се соочува со нови предизвици: можеби на сите им е познат истиот речник во поглед на борбата против корупцијата, но овојпат ќе има конкретна борба против корупцијата, што се гледа и се оценува од граѓаните. Ова е единствена причина да се докаже на дело промена, која беше споменувана во многубројните изјави пред изборите. Идеално ќе биде борбата против корупцијата да се одвива со исто темпо како во албанскиот камп, така и во македонскиот камп.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Новата влада нема да ги направи грешките од минатата влада!“.
Владата ги корумпира бизнисите
„Журнал“ натаму пишува: Централната власт е најголемиот корумпирач на бизнисот. Најчесто се обидува индиректно да го корумпира бизнисот и главно бара пари, процент на тендери, вработување или унапредување на некого, донација за политичка партија, подароци, или услуги. Повеќето компании не го пријавуваат тоа, а некои не веруваат дека тоа ќе има некаков ефект. Ова го покажува анкетата што во март годинава ја спроведе Стопанската комора, а се однесува на 2023 година.
Анкетата на Стопанската комора на * Македонија покажува дека од 130 анкетирани приватни фирми, од најголеми до најмали, на секоја втора ѝ бил побаран поткуп од 10-100 илјади евра. „Институциите на централната власт се најкорумпирани, како и институциите на локалната власт со 22 отсто корупција кон приватните компании, со кои соработувале.“ На прсти може да се избројат оние, кои ја пријавиле корупцијата во Обвинителството. Овие компании изјавиле дека само обвинителите и ревизорите не барале мит. Ова го покажуваат резултатите од анкетата на приватните бизниси за корупциски прашања.
Вкупно 61 отсто од компаниите се соочиле со корупција два до пет пати во текот на годината, додека повеќе од 20 отсто еднаш. Во Јавното обвинителство не е пријавено ниту едно коруптивно барање, или кога некој извршил ревизија. Во таквите случаи немало понуда за поткуп. Од оние, кои не прифатиле барање за поткуп, 48 отсто рекле дека имало последици за нивниот бизнис.
Земјата ја очекуваат големи реформи, владеење на правото и борба против корупцијата
„Македонија ја очекуваат години на реформи, развој и владеење на правото, години на борба против корупцијата. Но ќе има и такви, што ќе омаловажуваат и ќе навредуваат.“ – нагласи премиерот Христијан Мицкоски.
Без функционално владеење на правото * Македонија не може да се надева на напредок во евроинтегрирањето, особено ако се има предвид дека клучната точка во преговорите, кои се уште не се започнати е токму поглавјето 23: за судството и човековите права. Судскиот систем во * Македонија се смета дека е крајно партизиран. Правосудните институции не работат, судството не ја врши својата функција како трета власт, односно како коректор на законодавната и извршната власт. Затоа не треба да не чуди исклучително ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем, која веќе падна под четири проценти. Тоа е уништувачки за една држава.
Затоа, при исполнувањето на Копенхагенските критериуми за членство во ЕУ потребно е приспособување на законите на земјата-кандидат кон законите на ЕУ. Оваа практика е усвоена од развиените европски земји. Реформите, кои се од интерес на граѓаните. треба да бидат во средиштето на активностите во * Македонија. Патот напред, силината на тие реформи и напредокот кон ЕУ сега зависат од нас. Сега е време да се искористи тој поттик, што се случи во 2022 година со почетокот на преговорите.





