Жителите на гостиварското село Здуње, протестираа поради уништувањето на дел од селските гробишта заради изградба на автопатот, дел од Коридорот 8.
Жителите побараа итно прекинување на работите и обелоденување на документацијата за тоа кој дал дозвола на Бектел&Енка да ги изведе работите на гробиштата во нивното село.
„Работите што се одвиваат овде одземаат дел од селските гробишта, а ние како жители на село Здуње сме против ова. Раководството на џамијата во Здуње и Исламската верска заедница (ИВЗ) се тие кои замижуваа пред заземањето на оваа земја. Старото раководство на џамијата е сменето затоа што се спротивставиле на тоа и ја предале џамијата и гробиштата на селото на ИВЗ и затоа гробиштата денес ни се одземени. Поминаа два месеци откако ја испративме претставката до ИВЗ, но се уште нема одговор од никого“, рече Фарук Ферат, од Месната заедница Здуње.
Министерот за транспорт Александар Николовски изјави дека Владата нема надлежност за проблемите на граѓаните кои настануваат поради трасата на Коридорот 8, туку може само да побара помош од претпријатието.
„Во однос на Коридорот 8, таму изведувач е конзорциумот Бехтел и Енка. Според законите донесени од претходната влада и надлежностите се целосно нивни, тие го прават проектирањето и градењето.
Она што можам да го кажам е дека ќе разговараме со нив. Имаме неделни состаноци и разговараме. За ова веќе еднаш разговаравме, слични проблеми имаше и во други земји и ќе направиме се за да го решиме проблемот“, изјави министер за транспорт Александар Николовски, јавува Телеграфи.






