Живковски: Граѓаните можат преку интернет да се информираат за нивниот предмет во катастарот и да пријават барање за мито!

„Дигитализацијата останува приоритет, со апликација граѓаните во реално време можат да ја следат состојбата на своите предмети.“ – изјави Иван Живковски, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија

Во своето истапување на денешната трибина „Дигитализацијата станува реалност во Македонија“ Живковски ги нагласи сите чекори кои, се преземаат за дигитализација и осовременување на катастарските услуги, односно што се е направено, за да се дојде до побрзи и поефикасни услуги, кои им се потребни на граѓаните, се со цел институцијата да биде подостапна, а дигитализацијата да остане клучен приоритет во процесот. Живковски најпрвин образложи што е се направено за успешна дигитализација на услугите во Катастарот. Тој го истакна и електронскиот портал за услуги, на кој се наоѓаат сите услуги, најбарани од граѓаните и нагласи дека на тој начин се забрзува добивањето побрза и подобра услуга.

„Ние успеавме за краток период да направиме целосно нов портал, кој е наречен e-uslugi.katastar.gov.mk и го проетставивме при крајот на минатата година. Целосно е дигитализиран. Беа вклучени 107 услуги, коишто можат граѓаните и правните лица да ги користат електронски. На почетокот на оваа година пуштивме уште 10 услуги. Планираме до крајот на 2025 година да пуштиме дополнително 10 услуги. Во катастарот и катастарското работење сме целосно дигитализирани 100 отсто.“ – укажа директорот Живковски.

Тој стави нагласка и на новата интернет-апликација за увид во состојбата околу решавањето на барањата, поднесени и заведени во електронскиот систем на Катастарот. Со таа апликација се зголемуваат ефикасноста и брзината на следење на поднесените барања, а со тоа граѓаните остануваат главен приоритет во оваа нова етапа на дигитална преобразба.

„Сега имаме апликација, којашто со доцнење најмногу од еден ден час ја има точната информација, што е најблиску до реално време. Сите корисници во реално време можат да видат дали нивниот предмет е во состојба на обработка, или е вратен на дополна, дали е одбиен, или е завршен. Оваа алатка ги насочува луѓето дали имаат потреба да дојдат до катастар да земат некоја документација, дали ќе ја добијат електронски и дали можеби треба нешто да се коригира. Се влијае бизнис-заедницата и граѓаните да добиваат побрза и поефикасна услуга.“ – посочи Живковски.

Живковски се осврна и на превентивната кампања за пријавување обид за корупција, со цел подигнување на јавната свест за спречување на корупција во Агенцијата за катастар на недвижности, во насока секој поединец во државата да преземе одговорност. Со тоа ќе се придонесе за изградба на ефикасна и транспарентна администрација, притоа наведе дека граѓаните имаат можност секој обид за корупција да го пријават на електронска адреса или телефонски број.

„Ни е насловена кампањата „Не биди соучесник-пријави обид за корупција“, ние сите мора да се залагаме да граѓанинот или правното лице, фирмата којашто има потреба, треба да плати само за административната такса спрема одредена институција ништо повеќе, ништо помалку. Оваа кампања којашто ја започнавме меѓу првите активности од кога ја преземав функцијата директор, има за цел пред сè да влијае превентивно да ги мотивира луѓето коишто имаат потреба од користење на услугите на катастар, доколку наидат на ваква појава некој да им побара нешто што не е во рамките на законот, односно да побара да дадат мито, веднаш да биде тоа пријавено со цел, со сите институции други во соработка да биде санкционирано соодветно“, вели Живковски.