Жесток напад врз Силјановска од Приштина и поддршка за Пендаровски

Спикерот на косовскиот премиер Албин Курти денеска индиректно ги повика македонските Албанци да гласаат за Стево Пендаровски и ја нападна Гордана Силјановска Давкова.



Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, смета дека кандидатката за претседател на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, од редовите на македонската партија, ВМРО-ДПМНЕ, има антиалбански концепти, затоа не треба да биде поддржана од Албанците.

Со тоа вториот човек на Косово отиде контра Арбен Таравари.

Како што јавуваат медиуми на албански јазик овие коментари ,,Коњуфца ги даде неколку часа по средбата на националистичкиот лидер на ВМРО, Христијан Мицкоски, во централниот штаб на коалицијата „ВРЕДИ“ – поддржана од премиерот Албин Курти и неговата партија – со Арбен Таравари, каде беше алудирано дека лидерот на Македонската опозиција отиде да бара поддршка за вториот круг од претседателските избори или да обезбеди прелиминарен договор за новата влада на Македонија”.

„Колку што лично јас сум ги видел политичките концепти што ги разви Гордана Силјановска-Давкова се многу антиалбански концепти, постои сомнеж за албанското население таму“, рече Коњуфца.

„Јас сум многу против овие концепти. Јас би бил против каква било поддршка од кој било Албанец за вакви концепти, бидејќи јас внимателно ги слушав. Тоа е антиалбански концепт што оваа кандидатка сама го објасни“, додаде тој.

Првиот човек на собранието истакна дека тој лично не би преферирал ниту една таква опција, бидејќи, според него, „тоа е на штета на Албанците“.

Со оваа изјава во која нема напад против Стево Пендаровски Коњуфца практично ги насочува Албанците од Македонија да гласат за кандидатот на СДСМ.