„Јас не сум Албанец, туку сум муслиман! Не сте ниту вие Албанци, туку сте муслимани!“ – изјавил еден оџа од Санџак, кој говори албански јазик, на јавен собир, одржан вчера во Прешевската долина, која е дел од Србија. Ова негово тврдење наиде на ракоплескање на многуте присутни во салата во Прешево. Оџата порачал и дека „целта е исламизација на Косово, на Прешевската долина, на целиот Балкан“.
Овој муслимански свештеник, кој изнесе тврдење дека „не постои албански народ, туку само муслимански верници“, ги шокираше Албанците ширум Балканот и предизвика нивни многубројни жестоки реакции. „Говорејќи на албански јазик, овој турско-арапски паразит кажуваше дека не е Албанец, туку муслиман, а толпата на неукиот народ му ракоплескаше на српскиот шпион, облечен како оџа, наместо да ја напушти салата!“ – реагираше остро новинарот на РТВ „Ора њуз“ од Албанија Артур А.Курталари.
„Оџата ги шокираше Албанците со својата изјава ‘Не сум Албанец, туку муслиман, а исто и вие!’. Многу револтирани коментатори пишуваат дека бил платен од Србија да дава такви изјави.“ – објави информативниот портал „Сот“ од Албанија во својата редакциска статија.
Политичкиот аналитичар од Тетово Блерим Љатифи, кој е професор по политичка филозофија и филозофија на религијата во Универзитетот во Приштина, го нападна оџата дека е удбаш, поради неговото негирање на постоењето на албанскиот етникум. „Овој оџа е удбаш! Возобновен е стариот механизам, со кој преку соработката на оџите со органите на српската држава беа асимилирани во Бошњаци сите Албанци од Санџак, од Нови Пазар, како и голем дел од Албанците во Црна Гора. Денеска е активиран истиот механизам за целосна деалбанизација на Прешевската Котлина.“ – кажа Блерим Љатифи.






