Со указ од претседателката Гордана Силјановска-Давкова од 14 февруари, Андреј Жерновски повеќе не е вонреден и ополномоштен амбасадор во Романија на „нашата земја“, како што вели во својата објава на Фејсбук.



„Уште не можат да ги преболат трите круга и поразот во Центар.

Од објава во ‘Службен весник’ дознав дека сум отповикан од должноста амбасадор на нашата земја во Романија, без никаква претходно добиена информација, што е спротивно на основните процедури пропишани во Уставот и Законот.

Трагикомично!

По 192 дена откако ме вратија на ‘консултации’ во државата, при што брутално е погазен Законот за надворешни работи, оваа одлука ја дознав сосема неофицијално.

Очигледно, партиското резонирање повторно е посилно од законите и дипломатијата“, се пожали поранешниот заменик-министер за надворешни работи во Владата на Зоран Заев, пратеник во три мандата и ексградоначалник на Општина Центар.

Беше претседател на ЛДП, која го исклучи од своите редови кога во септември 2017 година премина во СДСМ со надеж дека пак ќе биде кандидиран за градоначалник и веднаш стана член на Централниот одбор.