Жална вистина: Државата плаќа за стипендисти, ама никој не се враќа да работи во Македонија

Досега државата стипендирала 389 студенти во странство и отприлика за секој од нив од државната каса издвоила 160 илјади долари, а ретко кој од нив се враќа да работи во Македонија, иако така е предвидено според закон. Ова го покажува истражувањето на Младински образовен форум „Неискористен студентски потенцијал“, кое исто така укажува дека стипендии повеќе користат ученици од приватните школи, додека нивни врсници од државните училишта не се доволно информирани за можностите. 



  • ’Одлив на мозоци’, ‘образовен егзодус’, ‘бела чума’, ‘младите си заминуваат’, ‘младите се отселуваат’, ‘младите ја бараат својата среќа во странство’. Ова се насловите кои со сигурност провеале низ вашиот информациски простор во изминатиот месец. Како главни катализатори на овие наслови се наведуваат низа фактори како високо ниво на корупција во секое поле, комплицирана бирократизација, партиски предуслови за напредок, а во секоја од овие теми е присутно образованието“, посочи Ристе Савески, претседател на МОФ, на настанот во „Јавна соба“ каде беше презентирано истражувањето.

Тој рече дека секое ниво на образование до сега е предмет на експериментирање, но државата стремејќи да го поттикне развојот на високото образование, да го прилагоди еквилибриумот на понудата и побарувачката на пазарот на трудот, воведува атрактивна програма за стипендирање, а потоа директно да го внесе знаењето и искуството во македонското општество.

  • Но, како што е познато, нашето законодавство е јако на зборови, а слабо на дела“, потенцираше Савески.

Целта на ова истражување е да ја претстави стапката на успех на стипендиите доделени од МОН за студирање на најдобрите 100 универзитети според Шангајската листа кои, како што забележа Савески, опфаќаат не само школарина, туку и трошоци за живот и претставуваат огромна инвестиција од страна на државата. Дополнително, тој додава дека финансиската посветеност е проследена со строги услови, меѓу кои барање на примателите на стипендиите да се вратат во Македонија по завршувањето на студиите и да го применат своето стекнато знаење на одредени државни позиции.

  • Истражувањето покажува дека има нетранспарентност при процесот на распределба на стипендијата, ниско ниво на промоција на програмата, дека не се води евиденција и мониторинг на студентите кои ја добиле стипендијата, дека комуникација со корисниците на стипендијата е ненавремена, понудите за работа не се соодветни и има потреба од ревизија на начинот на кој моментално се имплементира“, истакна претседателот на МОФ. Повеќе на radiomof.mk.