Шампионот Еурофарм Пелистер го совлада освојувачот на Купот и досегашен лидер Алкалоид со убедливи 33:20 во преполната сала „Боро Чурлевски“ во Битола и се искачи на врвот на табелата во македонската ракометна Суперлига.



Ако двата ривала, заедно со Вардар, ги добијат сите три преостанати натпревари од основниот дел, тогаш пелистерци ќе стартуваат во разигрувањето за титулата со 3 бода, еден повеќе од „фармацевтите“ од Автокоманда и од „црвено-црните“, со кои по 19 одиграни кола имаат по 34 бода.

Битолчани му наплатија со камата на составот на Кирил Лазаров за двата претходни пораза сезонава во Суперкупот и во Суперлигата, во која во Скопје загубија со 32:25, а решеноста да се избрише таа негатива ја покажаа уште во првото полувреме, по кое на паузата заминаа со водство од 16:11.

Капитенот Филип Кузмановски беше најефикасен во победничкиот тим и на средбата со 11 гола, пред десното крило Богдан Радивоевиќ со 8, колку што постигна и десниот бек на гостите Мартин Серафимов.

Голманот Никола Митревски продолжи во стилот од Лигата на шампионите и на 15. одбрани против Динамо Букурешт додаде 12 во дуелот со четвртфиналистот во Европскиот куп.