За овој месец, од 1 до 15 октомври Електростопанство на Македонија (ЕСМ) купи 45.600 мегават часови енергија за што ќе потроши околу четири милиони евра ако се направи груба пресметка според просечната цена за „ден однапред“ на ХУПЕКС берзата, објави Фокус.



На страницата на ЕСМ Продажба, може да се види дека за септември и половина од октомври ЕСМ вкупно за набавка на електрична енергија потрошиле речиси 10 милиони евра за многу краток период и набавка на големо количество струја, прво за 35.000 мегават/часови електрична енергија и потоа за 45.600 мегават/часови.

Според извештајот на МЕПСО, во текот на целата 2023 година Електрани на Македонија потрошиле само 12 милиони евеа за набавка на струја, но сега сумата најверојатно ќе биде надмината за тоа што до крајот на годината има уште два и пол месеци во кои ќе има зголемена потрошувачка на електрична енергија поради ниските температури.

Прогнозите на ХУПЕКС се дека цената во ноември и декември ќе се движи просечно околу 100 евра за мегават/час, додека пикот да достигне 135 евра.

ЕСМ досега купуваше струја во зимскиот период, кога цените беа многу поевтини и се движеа од помалку од 50 евра до околу 75 евра по мегават/час. Фирмата-ќерка на ЕСМ, ЕСМ Продажба купуваше струја и во летниот период, кога цените достигнаа и до 150 евра, но во мали количини.