Уверен сум и се надевам дека без разлика на изборите во Северна Македонија, патот кон Европа ќе продолжи, изјави денес претставникот на Стејт департмент за Западен Балкан Габриел Ескобар, на онлајн брифинг со новинарите.
Ескобар најави дека овој месец заминува од позицијата заменик-помошник секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан.
„Една од работите што сме многу среќни што ја постигнавме е тоа што неколку земји од Западен Балкан се солидно на патот кон евроатлантската интеграција, особено оние членки на НАТО – Албанија, Северна Македонија и Црна Гора, кои се целосно ангажирани на целиот процес на пристапување во Европската Унија. Уверен сум и се надевам дека без разлика на изборите во Северна Македонија патот кон Европа ќе продолжи “, рече Ескобар.
Дополнително, Ескобар вели дека би сакал да бил направен поголем напредок во европскиот процес на трите членки на НАТО.
„Сè уште се надевам дека сите три ќе се движат многу брзо, кога ќе се решат некои од нивните внатрешни прашања. Но, Црна Гора, навистина верувам дека тие ќе бидат следни, тие ќе бидат следна членка на Европската Унија“.
На новинарско прашање за Русија и за нејзините врски со Србија, Ескобар рече:
„Мојот аргумент отсекогаш беше дека би било грешка да се гледа на Русија како причина за проблемите на Балканот. Русија ги користи проблемите на Балканот, но проблемите се оние кои постојат во последните 25 години. И со решавање на проблемите мислам дека ги затвораме можностите за Русија да прави штета во регионот, но ќе се обидат. Тоа е дефинитивно случај“.
Кинескиот претседател Шји Џјинпинг неделава е во посета на Европа, прва во изминативе пет години. Тој вчера беше во Франција, а вчера вечерта отпатува во Србија. Утре ќе оди во Унгарија. Потоа се очекува средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Новинар на брифингот праша дали верува дека агендата на кинескиот претседател на Западен Балкан е бенигна, и дали треба да постои загриженост оти тој се обидува да изгради нови пријатели во регионот, што ќе застанат против поголема европска интеграција.
„Мислам дека земјите што тој ги избра се оние кои се отворени да го оспорат единството на евроатлантската заедница. И затоа ги предупредуваме сите наши партнери и сите наши соговорници да бидат многу свесни за агендата на Кина во Европа и за агендата на Кина во однос на евроатлантската заедница“, одговори Ескобар.





