Енерегетскиот сектор ако игра фудбалски натпревар – би загубил во четвртфиналето, рече Лорковски

Ако македонскиот енергетски сектор e дел од фудбалски натпревар би ја поминал групата, но би бил дисквалификуван во четвртфиналето. На ваков начин директорот на секретаријатот на Европската енергетска заедница Лорковски ја опиша состојбата во која се наоѓа секторот. Вели дека минатата година подобри од нас биле Србија, Црна Гора па дури и Украина во која веќе неколку години се војува. Забележале дека подобрување има, но велат дека во  енергетика треба уште многу да се работи.



  • Во просек сте во однос на имплементацијата на законодавството на Енергетската заедница или кога станува збор за успешноста, вие сте на 53 проценти, горе-долу во средина на скалата за мерење, вели  Артур Лорковски, директор на секретаријатот на ЕЕЗ.

Пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ уверуваат дека енергетиката ќе биде приоритет за развој на економијата во земјава. Потенцираа дека неодамнешната законска интервенција резултираше со спречување на поскапувањето на струјата. Ќе се укинат и Агенцијата за енергетика и Дирекцијата за нафтени резерви кои ќе бидат дел од новото министерство.

  • „Откако е конструиран овој мандат, во сите закони коишто се усвоени, доминираат законите за енергетика, со што уште еднаш ја потврдуваме нашата заложба за правење на енергетскиот сектор стратешки сектор во функционирање на нашата држава, такашто покрај создавање на ново министерство за енергетика, се усвои и нов закон за кој треба да ги поздравам сите пратеници за кој се успеа да се спречи ценовен шок на електричната енергија“, вели Бојан Стојановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Лорковски имаше пофални зборови за работата на Регулаторната комисија за енергетика и нејзиниот претседател Бислимовски. Извештајот на Енергетската заедница се однесува на 2023-та година. Критиките и пофалбите ги слушнаа и поранешниот премиер, а сегашен пратеник Димитар Ковачевски и неговите сопартијци, но не излегоа на говорница да ги продискутираат.

За извезената струја да стане конкурентна во Европа, земјава треба да го напушти производството на јаглен. Планот е РЕК Битола да стане гасна, а РЕК Осломеј да се претвори во фотонапонска централа. Пред две недели Владата промовираше странска инвестиција во ветерен парк со капацитет од 400 мегават часови, што е повеќе од половина од производството на најголемиот капацитет во земјава РЕК Битола или 20 проценти од потребите на земјава.