Фудбалерот на Лајпциг и македонски репрезентативец Елиф Елмас во интервју за турската државна новинска агенција Анадолија проговори за своите амбиции во црвено-жолтиот дрес.



„Направивме име во квалификациите за Европското фудбалско првенство 2020 година и сакаме да продолжиме со успесите. Цел ми е со репрезентацијата уште еднаш да учествувам на ЕП, а сонувам да играм и на СП“, изјави 24-годишниот играч за врска со 58 настапи и 12 гола за Македонија.

„Мислам дека ќе постигнеме добри работи како репрезентација на Македонија во наредните години, иако Македонија не е земја од 80 милиони луѓе како Турција. Имаме само 1,5 милиони жители“, додаде тој.

Македонскиот фудбалски дијамант во интервјуто објаснува и како дојде до тоа да игра за Македонија, иако за него била заинтересирана и Турција.

„На 5 јуни 2017 година во Скопје, Турција имаше натпревар со Македонија, кој заврши 0:0. Пред тоа, Фатих Терим, селекторот на Турција, ме сакаше за турската репрезентација, но тоа не се случи. Тогаш бев повикан во репрезентацијата на Македонија. Потоа ме испратија во тимот до 21 година. На 11 јуни прв пат го облеков дресот на Македонија“, раскажа тој.

Елмас е роден во Скопје, но откри дека има роднини во Турција, од кадешто неговото семејство се преселило во Македонија кога таа била под власт на Отоманската империја.